Груевски: Заев ако излезеше на избори, ќе завршеше со политичката кариера!
Екс премиерот и актуелен прв човек на владеачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за Телеграф.мк зборува за актуелната политичка состојба во земјава, одложувањето на изборите, протестите, политичкиот опонент Зоран Заев, работата на СЈО.
Поради обемноста интервјуто е поделено на неколку дела.
Во првиот дел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборува за начинот на дејствување на невладините организации и одложувањето на изборите, кои беа закажани за 5 јуни.
„Две и пол децении, ВМРО-ДПМНЕ се потпира само на народот и се труди колку може повеќе да му биде сервилен и да ги исполни ветувањата кон него и неговите потреби и барања, а СДСМ се потпира на спонзорите однадвор и се сервилни кон нив, а не кон народот. Ова меѓу другото го нагласува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за порталот Телеграф.мк.
Ние имаме две опозиции. Една официјална, СДСМ со неколку сателит или човек-партии со нив и уште една, би ја нарекол платена опозиција, иако индиректно и оваа првата користи од средствата на втората. Веројатно некој проценил дека, кога СДСМ е во опозиција не може со сопствени сили да се избори кај граѓаните за освојување на довербата и затоа вложува големи пари да им помага. И така е, еве повеќе од две децении.
Сите НВО, кои се финансирани од Сорос, кога е на власт ВМРО, работат, се борат повремено и протестираат против нас, а кога е на власт СДСМ, главно работат проекти што се поддржани од СДСМ. Значи, некој однадвор секогаш низ овие две и пол децении плаќа да му се помогне на СДСМ. Прво, затоа што со таков избор на кадри во раководството неспособни се самите да дојдат на власт или да се одржат на власт и второ, затоа што некој сака да се тие на власт, заради некој негов интерес. Никој не дава толку пари без да има некој интерес од тоа, вели тој.
Запрашан како ги коментира настапите на Заев кој зборува дека се готови, дека се подготвувате за паѓање од власт, дека СДСМ доаѓа на власт, дека сте исплашени и дека сѐ што кажал досега така излегло на крај Груевски вели:
„Заев реално добро знае во каква каша ја доведе и земјата и себеси. Се надева на тоа дека тој што го донесе дотука и ќе го извлече. Тој знае дека не само што не сме готови, туку ако излезеше на избори сега, тој ќе беше готов како политичар. Ќе ја завршеше политичката кариера. Тоа едвај го чекаат многумина во СДСМ кои имаат подобра политичка процена, дека со него на чело, освен правење штета, не може да се дојде на власт.
Сега, со одлагање на изборите малку му олесна. Купи малку време за правење нови пакости и манипулации.
Откако не успеа операцијата со т.н. „бомби“ да го смени јавното мислење, сега последна надеж му е специјалното јавно обвинителство. И тука да бидам јасен. Ние ја поддржуваме институцијата СЈО. Затоа и гласавме за неа. Ние поддржуваме идеја за независно тело во кое веруваат и опозицијата и меѓународниот фактор, да ги истражи работите докрај со кои Заев лани се обиде да нè прикаже во друго светло од она кое сме реално. Сакаме докрај да се расчистат работите, затоа што знаеме дека сме невини по обвинувањата што ни ги препиша претседателот на СДСМ со неговата валкана операција за која јасно ми кажа дека му ја обезбедила некоја странска разузнавачка служба. Нешто што го виде и слушна цела Македонија“.
Ви пренесуваме краток дел од интервјуто кое целосно може да го прочитате овде.
