Економија, финансии, бизнис

Контакт

Груевски за трите нови инвестиции во земјава: „Странските инвеститори што ги донесовме во Македонија ги реализираат планираните фази на инвестирање“

Груевски за трите нови инвестиции во земјава: „Странските инвеститори што ги донесовме во Македонија ги реализираат планираните фази на инвестирање“

Поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, продолжува да ги коментира случувањата во земјава.
Овој пат тој, на неговиот фејсбук профил се освна на странските инвестиции кои изминатиот период се реализираат во земјава, а за кои тој вели дека ги донела токму неговата влада.
„ТРИ НОВИ ПРОШИРУВАЊА: РАДУВА ФАКТОТ ШТО СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ КОИ ГИ ДОНЕСОВМЕ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ РЕАЛИЗИРААТ СЛЕДНИТЕ ПЛАНИРАНИ ФАЗИ НА ИНВЕСТИРАЊЕ

Ме израдува веста дека американската корпорација AMPHENOL COOPERATION која во Октомври 2013 година отвори своја фабрика за електроника, производство на електронски и оптички конектори, кабелски и интерконекциски системи, производство на апарати за домаќинство и електрични производи во Македонија, во Кочани, со име Amphenol Technology Macedonia, и која постепено растејќи веќе вработува 3.200 лица, сега отишла во нејзината следна планирана фаза и денес преставила нова хала за производство во Кочани.

Amphenol Cooperation во тоа време се рангираа меѓу првите 500 компании во светот според Fortune.

Фабриката во Кочани кој ги опслужува главно европските клиенти поради предностите на локацијата, постои можност постепено да достигне 5.000 вработени лица во следниот период.

Новиот погон, кој оперативно ќе започне да работи на крајот на септември оваа година треба да апсорбира 200 нови вработени, а веќе за следната година е планирана изградба на нов погон кој ќе вработи нови 320 лица.

Владата која ја предводев кога ја донесе оваа компанија, за првата фаза планиранираше и реализираше илјада нови работни места, што на Кочани во тој момент му беше “чаша вода во пустина”. Потоа, продолжија со следните фази на нивниот развој. Христијан Делев, тогаш заменик министер за економија беше владиниот преставник кој во името на власта им пријде и им понуди влез во Македонија, па по завршените преговори и потпишани договори со владата и владините институции, одкако го создадовме сите предуслови за нивен почеток, компанијата го започна својот инвестициски поход со кој произведуваат високо технолошко софистицирани производи.

Во 2006 во Кочани беа регистрирани 11.000 невработени. Веќе во 2016 година, како резултат на оваа и повеќе други инвестиции во Кочани, како на пример холандската Антура, бројот на невработени беше преполовен.

Исто така неодмана пред околу два месеци израдува веста дека уште две други странски компании во Македонија кои ги привлековме во периодот кога ја раководев владата одлучиле да изградат уште по една фабрика во Македонија и да вработат уште 500 невработени наши граѓани, а со тоа да допринесат за зголемување на платите, бидејќи намалувањето на бројот на невработени, влијае на општото зголемувањето на платите.

Тоа се компанијата “ГЕНТЕРМ” од САД, светски лидер на пазарот во иновативни технологии за термичко управување и пневматска удобност за автомобилската индустрија, која отвори фабрика во прилепската технолошки индустриска зона, на чие привлекување подолг период работеше мојот советник за странски инвестиции Алек Никовски, а подоцна се приклучи и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо. “Гентерм” според медиумските извештаи во новиот погон ќе вработи нови 300 лица.

Третата компанија е турската “ЧАГАТАЈ КАБЛО” која во новиот погон кој започнаа да го гради во ТИРЗ Скопје ќе вработи уште 200 лица.

Оваа компанија беше привлечена од македонскиот инвестициски промотор во Анкара во тоа време Хабил Мустафаи, а потоа заедно со директорот на ТИРЗ Виктор Мизо и другите во владата, по една година преговори ги финализираа преговорите во пролетта 2017 година.

Се покажа дека нашата стратегија со сите нејзини сегменти, и тимот кој беше ангажиран за привлекување свеж капитал кој отвора нови работни места во Македонија, носи нови технологии и го зголемува извозот, беше исправна. Нејзиниот прекин по доаѓањето на власт на СДСМ и нивните политики донесе голема штета на Македонија. Ако ги исклучиме фабриките кои ги привлековме од 2006 до 2017 година, листата на инвестиции, целосно и од почеток обезбедени од страна на тимот на СДСМ може да се изброи на едната рака.

Да продолжеше СДСМ со стратегијата за привлекување странски компании кои отвораат нови работни места, денес Македонија ќе имаше само 3-4% невработеност креирана во најголем процент од отворање на нови работни места а не од трајно одделување на граѓаните на Македонија во странство, а тој фактор ќе влијаеше и на општо зголемување на платите односно цената на трудот во Македонија, повисок животен стандард, многу повисок извоз, повеќе работа за домашните компании во разни сегменти со новите инвеститори“, напиша тој.



Слично

Поврзани вести