Груевски: Во „Ван Хол“ ќе работат 600 македонски граѓани
Бројот на вработени во фабриката на „Ван Хол“ во Бунарџик ќе се зголеми на 600, објави премиерот Никола Груевски, кој денеска присуствуваше на отворањето на вториот погон на оваа компанија во технолошко-индустриската развојна зона - Скопје 1.
„Оваа инвестиција е од огромно значење за Република Македонија, која инвестираше околу 25 милиони долари и вработи над 430 граѓани од Македонија. За неполна година оваа бројка ќе расте и ќе достигне до околу 600 вработени“, рече Груевски.
Новиот капацитет на „Ван Хол“ се простира на површина од 37.000 метри квадратни и претставува втора најголема фабрика во Македонија во моментов.
Инвестицијата на „Ван Хол“ во Македонија е прва на оваа компанија надвор од границите на Белгија. Досега се произведени вкупно 140 автобуси во фабриката во Бунарџик, а околу 70 се во фаза на производство.
Според директорот на компанијата Филип ван Хол, во вториот квартал од годинава во фабриката во Македонија ќе почнат да се произведуваат нови производи, овојпат наменети за европскиот пазар, за разлика од досегашните, кои се извезуваа во Америка.
Слично
