Груевски во НАТО: Почитувајте ја пресудата од Хаг!
Вратите за Македонија во НАТО ќе бидат отворени само откако ќе се реши прашањето за името - овој став премиерот Никола Груевски денеска повторно го слушна од генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен.
„Ние сме подготвени да ја испратиме покана за членство откако ќе се најде заемно прифатливо решение за името. Оваа одлука беше донесена на самитот во 2008 од сите земји-членки на НАТО, а не само од една земја и ние стоиме зад оваа одлука“, рече Расмусен.
Груевски, од своја страна, побара Грција да се откаже од блокирањето и да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Истата порака ја упати и на средбата со НАТО амбасадорите.
„Кредибилитетот на политиката на отворени врати на НАТО треба да е во склад со исполнувањето на јасно дефинираните критериуми за земјите аспиранти. НАТО треба да го почитува меѓународното право и правото на само идентификација и само определување“, рече Груевски.
Како основачи на Меѓународниот суд на правадата, Груевски ги повика земјите-членки на НАТО да ги почитуваат одлуките на ова тело за трајно да се стабилизира регионот на Југоисточна Европа, побарал и посилен ангажман во стимулирањето на Македонија и Грција за изнаоѓање решение на спорот околу името.
Слично
