Груевски во клин, Бранко во плоча, демократија на улица, локални во март, економијата во неизвесност!
Очекувано, првата таканаречена лидерска средба меѓу Бранко Црвенковски и Никола Груевски заврши со фијаско. Едниот засилен со својата тројка за стратешки, полициски и медиумски прашања, Јанкуловска, Протоѓер, Ѓоргиев, другиот со истакнатата „буџетска“ пратеничка тројка Макрадули, Петров, Станковиќ денеска не успеаја да најдат заеднички јазик. Тема на средбата се претвори 24 декември, и случувањата во собранието, што е очекувано со оглед на силниот набој кој изминативе денови се создаде по улиците низ Македонија. Власта, пак, убедена во легитимитетот добиен на изборите во 2011 покажа дека нема намера да попушти, ниту дека Црвенковски има право да очекува такво нешто. Во такви услови, дадените изјави по средбата најреално ја одразуваат сегашната состојба во македонската политика.
Груевски и Црвенковски се уште не можат, ниту да се слушнат како што треба, а не пак да зборуваат.
„Разговорите се сведоа на две работи: на ултиматумот што го поставија за одржување на предвремени парламентарни избори и неподготвеност да се разговара за што било друго за што во претходните денови тие говореа во јавноста дека им е значајно“, рече Груевски и додаде: „Земјата ќе оди напред и мора да оди напред, независно од тоа дали некој сака да ја спаси својата политичка кариера од следниот пораз. Ќе одиме на избори со опозиција, бидејќи СДСМ не е единствената опозиција во Македонија.“Изгледа дека бојкотот е се поблизу, барем според тоа што го вели Црвенковски,
„Ако нема предвремени парламентарни избори не се враќаме во парламентот и не учествуваме на локални избори, единствено излезно решение од оваа политичка криза се предвремени парламентарни избори кои ќе бидат фер и демократски“, вели Црвенковски, образложувајќи дека на парламентарните избори граѓаните ќе одлучат во кој правец ќе оди државата. „Тоа е нашиот став, тој став го соопштивме на денешнава средба. Можам да заклучам дека после денешнава средба се наоѓаме на истите позиции како и пред нејзиното одржување.“Сепак не е крај на светот Како и при секои преговори, така и сега, нема крај на разговорите. Играта на нерви ќе продолжи. Опозицијата ќе ја билда својата позиција преку јакнење на протестите. Од нивната силина ќе зависи и иднината на политичкото дејствување не само на Црвенковски, ами и на целата опозиција. Од таму, тие сега имаат шанси да ја диктираат иднината на преговорите, со оглед дека политичката цврстина Груевски веќе ја покажа. ВМРО ДПМНЕ нема да попушти, ниту пак ќе ја пропушти шансата уште еднаш да ја покаже политичката надмоќ над својот соперник. Една ваква ситуација, е прилично непријатна и за обете страни, оти во услови на бојкот опозицијата би ги изгубила локалните лостови на моќта, а власта би извојувала пирова победа без легитимитет на вистинска парламентарна демократија, што на средни стази нема да влијае добро по имиџот на партијата на власт. Затоа многу веројатно е во наредните недела - две да видиме разврска во која свое посилно влијание би имале странците. На која страна ќе натежне тегот останува да се види, но тоа дефинитивно нема да зависи ниту само од Груевски, ниту само од Црвенковски, со оглед на големата регионално разместување кое бара стабилни Влади и стабилна политичка ситуација. Такво нешто во Македонија во овој момент нема, па единствен сериозен услов, за да се случи стабилизрање на подолг рок е решавање на спорот за името, што е веројатниот политичко - изборен пакет кој на маса на македонските политички елити ќе им го испорача меѓународната заедница. Дали некој спомна економија? Тешко ќе биде за бизнисот и фирмите во наредниот период. Политичката неизвесност која е само продолжена по денешната лидерска средба, не навестува добри мигови за економијата, оти секое исчекување на некоја политичка разрешница значи одложување на инвестициските одлуки на компаниите. Сепак, никој не рече дека лидерските средби завршија! Редакција Фактор
Слично
