Груевски: Во Франција децата ги растураат од тестирања, а кај нас протестираат
На денешното обраќање по повод денот независноста на Република Македонија, премиерот Никола Груевски зборуваше и за реформите во образованието кои ВМРО-ДПМНЕ сака да ги воведе, а не се прифатени од средношколците.
Тој раскажуваше приказна за некој негов пријател кој завршил средно образование во Франција и за тоа како таму децата ги ,,растурале" од тестирање и никој не се жалел.
-Пред некој ден случајно разговарав со еден пријател кој средното училиште го има завршено во Франција. Вели, завршив основно во клас во Македонија во кој од 30 ученици, 25 бевме со сите петки. Кога отидов во средно училиште во Франција, не растурија од континуирано тестирање. Бев шокиран од континуираните тестирања. Потоа на факултет полагал и државен испит во Франција. Но, кога завршил, и почнал да оди на интервјуа за работа во познати мултинационални компании, тестирањата му биле рутина и лесно ги поминувал. А тука кај нас ми вели, се креваат протести и демонстрации за еднаш годишно тестирање на знаењето со цел да се врати времето на реално оценување, ја раскажа премиерот приказната.
Премиерот обвини и дека се формирале партиски пленуми кои рече дека биле катастрофа за општеството.
,,Загрижувачки е оној на дел од родителите, формирањето партиски пленуми, охрабрувањето на учениците наместо да учат, да протестираат против проверката на знаењето, ќе бидам отворен е катастрофа за општеството. Огромен отпор за нешто што е во прв план во сите напредни земји во Европа и во светот, и веднаш поддршка од опозицијата преку нивниот пленум. Да го поставиме отворено прашањето: Зошто во безмалку цела Европа математиката е задолжителна на матурскиот испит, а во Македонија не смее да биде?", рече Груевски
Груевски додаде дека знаел дека екстерното тестирање не било совршено и можело да се подобрува.
