Груевски во Ескишехир: Ние сме Влада што ги слуша бизнисмените!
„Ние сме влада која е во постојан контакт со бизнисот, со стопанските комори, со компаниите. Ние секојдневно комуницираме и ги слушаме нивните барања. Ги анализираме и огромен дел од нив ги прифаќаме и спроведуваме. Така и планираме да продолжиме”, изјави премиерот Никола Груевски во своето обраќање пред турските бизнисмени на бизнис форумот во Ескишехир, Турција.
Тој истакна дека реформите кои се спроведуваат во полето на економијата даваат резултати и тие се препознаени од многу реномирани институции, како Светската банка, ММФ, Фич и други.
Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Фуркан Чако во своето обраќање пред присутните истакна дека односите со Турција се исклучително пријателски, што е добра основа за продлабочена економска соработка. “Имаме прилика да разговараме со различни претставници на бизнисот и стопанственици кои се заинтересирани за инвестирање во странство, вклучително и Република Македонија. Ние сме постојано достапни за странските инвеститори и постојано спроведуваме реформи на тој план,” изјави министерот Чако.
Сопственикот на фирмата „Смирна Парс“, Ридван Уретен која во Македонија започна со инвестирање во областа на земјоделието изјави дека тие одлучиле да инвестираат во Македонија поради условите кои ги нуди македонската Влада.
“Ние бевме многу добро пречекани и добивме добри информации од владините институции. За нас Македонија е стратешко место бидејќи оттаму многу полесно и побрзо стигаме во Европа и можеме да ги пласираме на европскиот пазар”, изјави Уретен.
Тој објави дека освен првичната инвестиција поради добрите услови и резултати за водење на бизнис компанијата планира ново проширување. “Нашата прва инвестиција во Македонија е во Битола, сега планираме купување на земјиште во Могила и Новаци, а после тоа да се прошириме и во Росоман. За цел имаме создавање на нови садници со земјоделски производи и изградба на откупно дистрибутивни центри. Ова е инвестиција во земјоделието” изјави Уретен . Тој упати и порака до останатите инвеститори во Турција, уверувајќи дека откако ќе ги видат условите кои ги нуди владата ќе има многу турски инвеститори кои ќе инвестираат во Македонија.
Бизнис форумот се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција (ТАББ) и Стопанската комора на Ескишехир, и на кој присуствуваа претставници на компании од областа на високо технолошката индустрија, железничката и машинска индустрија, како и од прехранбената индустрија.
Во рамките на посетата на Турција, македонската владина делегација ќе посети 5 града кои се економски центри на Турција и ќе одржи бизнис форуми за презентација на можностите за инвестирање во земјава пред турските бизнисмени.
Тој истакна дека реформите кои се спроведуваат во полето на економијата даваат резултати и тие се препознаени од многу реномирани институции, како Светската банка, ММФ, Фич и други.
Слично
