Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа фрлената ракавица – одиме на избори!
ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа фрлената ракавица од коалицискиот партнер ДУИ за предвремени парламентарни избори, објави премиерот и лидер на владејачката партија Никола Груевски во говорот на конвенцијата за избор на претседателски кандидат.
Според него, изборите би се одржале заедно со вториот круг од претседателските избори.
„Ако не прифатиме предвремени избори, има шанси во вториот круг претседателските избори да не успеат и земјата да влезе во длабока политичка криза“, рече Груевски.
Тој ја нарече „феномен“ позицијата на ДУИ за консензуален претседателски кандидат.
„ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани. Веќе е јасно зошто бараат консезуален кандидат - за да не го добијат! Тие одат на обид да пропаднат изборите и да бараат промена на Уставот за во иднина претседателот да се бира во Собранието“, додаде Груевски.
Според Груевски, изборите нема да донесат промена во политиката на државата во спорот околу името со соседна Грција. Лидерот на партијата ги повика делегатите на денешната конвенција да гласаат за кандидатот кој ќе им влее најголема доверба, а потоа да се обединат околу победникот.
„Ни треба човек за претседател кој по изборот ќе биде обединувачки фактор во земјата, ќе се грижи за сите граѓани подеднакво. Потребна е стабилна личност , која во клучни моменти ќе знае да повлече мудри потези“, порача Груевски.
Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на владејачката партија е во тек, а делегатите ќе треба да се одлучат меѓу четирите понудени опции - aктуелниот претседател Ѓорге Иванов, екс државниот јавен обвинител Ставре Џиков, професорот Јове Кекеновски и магистерот Божидар Ночев.
Слично
