Груевски утре ќе депонира оставка која ќе биде ефективна 100 дена пред избори
Премиерот Никола Груевски утре ќе испрати писмо до претседателот на Собранието на Македонија, во кое ќе даде оставка што ќе биде ефективна 100 дена пред изборите.
Во вечерашното обраќање во Владата на Република Македонија, премиерот порача дека целта е да се испочитува Договорот и да се надмине кризата во која се наоѓа државата и очекува изборите да се одржат во предвидениот рок
„ Ние направивме многу компромиси и тоа го правевме свесно и за доброто на државата. Нашата обврска беше исполнета во целост. Дел од договорот беше и привремено повлекување на премиерот 100 дена пред изборите. Јас стојам и до тој дел од договорот, бидејќи сакам државата да оди напред. Утре изутрина до претседателот на Собранието ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата претседател на Владата, која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на изборите” – изјави премиерот.
Согласно Договорот од Пржино денеска беше последен ден до кога премиерот треба да поднесе оставка, а утре истекува рокот за формирање на привремена влада до изборите.
