Груевски: Црвенковски да не држи во заложништво 2 милиони луѓе
„Доаѓа Нова година, луѓето наместо да се опуштени, да се подготвуваат за дочек итн., многу од нив живеат во грч дали ќе има плати, пензии, субвенции следната година, дали ќе се догради некоја болница што е започната итн., така што апелирам ако не го сакаат Никола Груевски или ако не го сакаат ВМРО-ДПМНЕ тоа е една работа, нека се расправаат со нас, нека не напаѓаат, нека плукаат... Тоа е политичка битка, јас ќе се бранам, ќе одговорам на се и ќе објаснам за се како и што работам. Но, ако продолжат вака да ги ставаат во залог граѓаните, тоа се два милиони живи души Македонци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи итн., тоа не е добро. Ставање во залог на два милиони граѓани навистина е некоректно од страна на опозицијата и штетно за земјата и за самите граѓани, изјави премиерот Груевски.
Тој изјави дека несогласувањата со опозицијата се очекувани, но не тоа не го оправдувало нивното однесување во Собранието.
„Ние излеговме на избори, дадовме програма, тие дадоа програма, луѓето ги погледнаа програмите, мнозинството гласаше за програмата што ние ја предложивме. Нормално е дека тој буџет треба да се усвои во правец на поддршка на таа програма што ја гласале граѓаните пред само година и половина“, рече Груевски.
Груевски за неодржувањето на Комисијата за финансирање и буџет што денеска се случува во Собранието, порача одговорот да се побара во Парламентот.