Економија, финансии, бизнис

Контакт

Груевски стои на ставот, Влада може да состави само народот

Груевски стои на ставот, Влада може да состави само народот

Со поставување на камен темелник започна изградбата на технолошко-индустриската зона во Делчево.

Нова надеж младите да се задржат во ова мало градче на крајот на истокот.

Зоната во Делчево ќе се простира на 20,8 хектари површина, каде ќе има осум градежни парцели за потенцијални и идни инвеститори.

Според планот на Владата, вкупно 14 технолошко индустриски развојни зони се лоцирани на различни локации низ целата држава. Ова е 14-та зона со која се започнува изградбата на инфраструктурата. Освен зоната во Скопје, зоната во Штип, зоната во Тетово, Кичево, Прилеп, Ранковце како и зоната во охридско-струшкиот регион веќе имаат компании кои се функционални или компании кои го градат своите производствени капацитети.

На поставувањето на темелите на оваа ТИРЗ присуствуваше и премиерот Никола Груевски, кој и го постави овој темелник.

На свеченоста запрашан за идните средби со лидерите на политичките партии во врска со решавање на политичката криза премиерот истакна дека неговиот став останува ист, дека влада може да состави само народот.

Премиерот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се подготвени на секакви идеи со цел разговорите да бидат конструктивни, а во врска со  очекувањата од доаѓањето на еврокомесарот Јоханес Хан во вторник на лидерската средба премиерот вели:

„Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ се подготвуваме со различни идеи за разговорите со комесарот Хан за да бидеме максимално конструктивни и да придонесеме во разрешувањето на политичката криза и неговото доаѓање да заврши со успех. Тоа не зависи само од нас бидејќи има и друга страна во разговорите, а токму затоа не сакам да бидам ниту песимист, ниту оптимист зашто не можам да претпоставам како другата страна ќе настапи. Нашиот став беше и ќе биде дека влада може да состави само народот и граѓаните на Република Македонија на избори и дека не може одредени политички партии да прават математики, проекции или планови за создавање или влегување во влада без да ја добијат поддршката на граѓаните на избори, рече премиерот Груевски по поставувањето камен-темелник на ТИРЗ во Делчево.

Слично

Поврзани вести