Груевски со владина делегација повторно ќе бара инвеститори во Индија
Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, во чиј состав е министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Џери Наумов, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шекероски денеска ќе престојува во градот Ахмедабад, каде ќе учествува на седмиот глобален самит Вибрант Гуџарат кој ќе трае од денеска до 13-ти овој месец, а ќе го отвори индискиот премиер Нарендар Моди.
Предвидено е, за време на самитот, премиерот Груевски да оствари повеќе одвоени билатерални средби на политичко и економско ниво.
Самитот започна како инвеститорски во 2013-та година, но по својата улога значење и влијание прерасна во глобална платформа на знаење и соработка, социјални и бизнис трансформации кои треба да го помогнат економскиот и политички развој на државите.
На овогодинешниот самит се очекува да присуствуваат околу 7.000 делегати, и тоа од академската средина, преставници на глобални компании и корпорации од автомобилската, технолошката, градежната, телекомуникациската индустрија, како и голем број политичари.
На настанот ќе бидат присутни и главните луѓе на 50-те најголеми компании во Индија.
Првпат држави партнери на овој настан кој се одржува во индиската држава Гуџарат се САД, Велика Британија, Јапонија, Холандија, Канада, Австралија, Сингапур.
Премиерот Груевски во рамките на престојот во Индија ќе ги посети и градовите Ченаи, Калкута, и Џајпур каде ќе бидат преставени можностите за инвестирање во Република Македонија.
Република Македонија и Република Индија имаат воспоставено дипломатски односи во 1995 година.
Слично
