Груевски: Со новите мерки ќе се вработат голем број на невработени
Охрабрени од одличните резултати на мерката за активно вработување на млади до 29-годишна возраст со ослободување од плаќање придонеси и размислувајќи како да го зголемиме ефектот дојдовме до констатација дека е потребна поголема палета ваков вид мерки за различни возрасни и социјални категории и ранливи групи.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на пратеничко прашање на денешната седница на Собранието на Република Македонија посветена на пратенички прашања.
- Ако со една поскромна мерка за ослободување од плаќање придонеси „еден плус еден“ имавме 7.400 вработувања за неполна година со новата палета мерки очекуваме да се вработат позначителен број невработени, рече Груевски.
Тој посочи дека првата група се проширува и наместо како досега до 29-годишна возраст ќе биде до 35 години и за нив ќе важи ослободување од плаќање придонеси и персонален данок на доход три години со обврска работодавачот да го задржи вработениот најмалку уште една година.
- Цврсто веруваме дека тоа ќе даде уште поголеми разултати и дека бројот на нововработени ќе се зголеми. Во сите мерки и во законот ќе има механизми за безбедност од манипулации за да се спречи некој да отпушти вработени со цел да вработи нови за кои ќе биде ослободен од плаќање придонеси или персонален данок на доход, рече премиерот Груевски.
