Груевски: Секој мора да ги уважува Уставот и законите на државата
На денешниот партиски собир организиран од владеачката гарнитура премиерот Груевски меѓу другото, потенцираше дека сите политичари мора да ги почитуваат и уважуваат Уставот и законите на државата.
„Република Македонија е суверена држава а не квислиншка творба. Нејзините политичари мора да ги почитуваат интересите на сопствениот народ и држава. На сите нејзини жители. Секој мора да ги уважува Уставот и законите на државата. Секој мора да го почитува народот. И внатре и надвор. Без оглед кој колку е моќен или не. Колку е голем или не. На овие теми, ние немаме точка на топење“ рече премиерот.
Во врска со прашањето за името, тој истакна дека политичарите може да се договараат и преговараат, некогаш под притисок, закани или уцени, но последниот збор секогаш ќе го имаат граѓаните на референдум.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните на Битола собрани во салата Младост, зборуваше за досегашните успеси на владејачката партија, за бројните програми и проекти, за достигнувањата, за странските инвестиции, за зголемените пензии, социјални покачувања и низа содржини кои досега ги постигнале како Влада.
Тој посочи дека нивниот вистински лик се нивните досегашни дела, и чекори со кои им помагаат на сите граѓани во Македонија.
„Секое работно место, грижа за пензионери, невработените, студентите, социјалните случаи, тоа е нашата макотрпна работа да направиме нешто добро за нашиот народ. Имаме грешки, но должни сме да упатиме на сите наши проекти кои ги имаме направено за нашата држава, конректни работи кои се мерливи и видливи, и нудат нова можнсот, поволност и нешто подобро“, рече премиерот.
Тој од градот на конзулите порача дека Македонија е суверена држава, а не квислиншка творба и дека политичарите во неа мора да ги почитуваат интересите на сопствениот народ и држава.
Премиерот во својот говор пред насобраните Битолчани ги истакна целите на владејачката гарнитура напоменувајќи дека работодавачите кои ќе вработат поширока категорија на граѓани ќе бидат ослободени од плаќањето на персоналниот данок и социјалните придонеси.
Со овие мерки премиерот очекува дрстично зголемување на бројот на вработени лица.
– Работодавачите кои ќе вработат млади лица до 35 години ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од три години, а ќе имаат обврска да го задржат работникот уште една година, рече Груевски.
