Груевски: Роуд-шоуата за привлекување странски инвестиции ќе дадат резултат во иднина
Економските презентации на Владата за привлекување странски инвестиции се вистински чекор, од кој резултатите доаѓаат и ќе доаѓаат и понатаму, не само како инвестиција, туку и во намалување на стапката на невработеност, рече премиерот Никола Груевски одговарајќи денеска пред пратениците.
- Резултатите од ваквите презентации доаѓаат најрано за година, година и пол, а во многу случаи за две, три, четири и пет години. Уверен сум дека она што сега го правиме ќе даде одреден резулат во наредниот период, а самите презентации се само една од фазите на обид за привлекување инвеститори - потенцира Груевски.
Cпоред него, споредбите колку се потрошило за таквите презентации, а колку инвестиции влегле се обична политичка манипулација и „само една реализирана инвестиција ги исплаќа сите напори на Владата што ги прави за привлекување странски инвестиции, и тоа не само во износот на инвестицијата туку гледајќи преку бројот на вработените во тие капацитети“.
Премиерот оцени дека вклучувањето на сите институции за привлекување инвестиции е добро организирана акција во едно тешко време на европска должничка криза и намалено ниво на инвестиции.
- Седењето во земјата и чекањето тие сами да дојдат воопшто не е алтернатива. И тоа го видовме во време кога СДСМ беше на власт и ги видовиме и резултатите во тоа време, а резултатите кажуваат дека немаше некоја позначајна инвестиција освен ако не гледаме приграбување на некој монопол - дециден беше претседателот на Владата.
Слично
