Груевски: Решението не е конечно, ама надворешно тестирање мора да има!
Надворешно тестирање на знаењето на студентите ќе има, а ќе се разговара за моделот на тестирањето.
Неодамна оваа новина беше најавена од страна на Министерството за образование и наука а денеска тоа го потврди и премиерот Никола Груевски.
„Нешто мора да се промени, затоа што имаме факултети, па и цели универзитети каде проодноста на студентите е без знаење или без доволно знаење, каде што се ставаат деветки и десетки на секој, независно кој колку научил. Тоа е нездраво за едно општество. Тоа е правење штета на самите студенти. Тие стануваат, на некој начин, инвалиди во своето знаење. Добиваат диплома без знаење и понатаму не можат да просперираат, каде и да одат да работат. Можеби првиот впечаток дека имаат диплома ќе им помогне, но веднаш потоа ќе наидат на пречки“, изјави Груевски.
„Во овој момент размислуваме повеќе за државен испит, но се уште сме отворени да ги слушнеме размислувањата на сите кои имаат интерес да се вклучат во јавна дебата. Решението не е конечно, но дефинитивно е дека нешто мора да се промени. Владата чувствува одговорност да се промени таквата состојба“, изјави премиерот Груевски .
Како што објавивме пред малку студентите утре се организираат на собир и дискусија токму по ова прашање.
Што ќе одлучат, останува да чекаме до утре.
