Груевски: Растот на индустриското производство – добар сигнал за инвеститорите
Премиерот Никола Груевски е задоволен од растот на индустриското производство во септември од 5,1 % споредено со истиот месец лани. Според него, ова е знак дека има позитивни движења поради владините реформи.
Од март, вели Груевски, секој месец има раст на индустриското производство.
„Иако во ЕУ се уште не е надмината европската должничка криза и последиците коишто доаѓаат од таа криза, се чини Македонија влегува во една подобра фаза и е влезена веќе во една подобра фаза што дава надеж дека заедно со движењето на европската економија во еден добар правец, а таму веќе има предвидувања дека работите ќе одат кон подобро во следната година, дека и следната година ќе имаме добар раст на економијата и на индустриското производство“, изјави Груевски кој посочи дека е позитивно тоа што е зголемен бројот работници во индустријата за 1,3 отсто во септември, споредено овој месец минатата година.
Груевски рече дека растот на индустриското производство им дава сигнал и на инвеститорите и на нашите стопанственици дека е време за реализација на развојните планови.
Според последните податоци од ДЗС, за периодот јануари-септември 2013 година, во однос на истиот период лани, индексот на индустриското производство е зголемен за 2,2 отсто.
Слично
