Груевски: Професорите протестираат поради страв за да не прават научни трудови
Премиерот Груевски смета дека професорите се против новите Законски измени во високото образование и ги поддржуваат студентите од една причина а тоа е страв од обврската да објавуваат научни трудови во светски реномирани списанија.
Според него трудовите треба да покажат дека се конкурентни на европско и светско ниво, а тоа е пракса и во Словенија и многу европски земји, нагласува премиерот.
- Поголемиот мотив за поддршката го гледам во тоа што во истиот овој закон каде што се измените за државен испит има и едни други измени коишто професорите кои се дел од Пленумот не го спомнуваат, но јас сум убеден дека тоа е поголемиот мотив заради кој ги мотивираат студентите да протестираат. Не го споменуваат затоа што не им одговара и затоа што ќе излезе на виделина една ситуација која не е баш најповолна за нив, а тоа е дека со новите измени се предвидува од 2018 година секој професор во петгодишен период да мора да има издадено најмалку два труда во списание со импакт-фактор, но не во кои било списанија туку светски реномирани, а до сега беше во кои било списанија, рече Груевски.
Тој исто така вели дека иако досега професорите имаат објавено повеќе трудови, истите не биле релевантни, напоменувајќи дека согласно овие измени професорите ќе мора барем два труда да издадат во списанија кои се реномирани во светот и се дел од веб-оф-сајанс.
- Во тие списанија ние проверивме минатата година, имаме се на се 300 труда, додека за последните пет години има 4.000 труда. Направивме компарација со земја која е слична по големина и број на жители, а тоа е Словенија. Во Словенија во последните пет години има 50.000 труда што е повеќе од 12 пати отколку во Македонија. За еден таков труд треба повеќе работа, повеќе напор, повеќе научни истражувања и посветеност на професорот на научната работа и тоа е главниот проблем. Тој заб ги боли дел од професорите, не сите, вели премиерот.
Премиерот вели дека тие не сакаат тоа да го кажат и да не излезе дека протестираат за да не работат научни трудови, туку ги хушкаат студентите да протестираат за нешто што за нив и не е важно бидејќи нив не ги засега државниот испит.
