Груевски: Половина од тие што протестираат се дебело платени
Одговарајќи на новинарско прашање за Телеграф.мк каде екс премиерот дава интервју Никола Груевски и зборувајќи за депозитите од банките им порачува на граѓаните да не наседнуваат на лаги и шпекулации.
- Да не наседнуваат на вакви лаги и шпекулации. Ниту девалвација ниту што било негативно нема да им се случи на нивните штедни влогови. Само што ако одат по умот на СДСМ ќе си загубат дел од каматите кои требало да ги добијат и се изложуваат на ризик од кражби ако парите ги чуваат дома во готовина.
И нека сметаат на тоа, дека пред секои избори СДСМ ќе се труди да создаде ваква психоза. Оти за тоа ги бидува, а за работа, реформи, проекти, идеи за подобар живот, програма и слично се табула раса.
Дури и во десет пати полоша криза од оваа, државата и Централната банка имаат механизми да менаџираат со предизвиците и да не дозволи ниту девалвација, ниту под прашање да се доведат заштедите на граѓаните. Јас бев министер за финансии за време на конфликтот во 2001 година. Во земјата имаше вистинска војна. Бев премиер во време на најголемата светска финансиска криза во последните 80 години, и веднаш потоа европската должничка криза, кои имаат директно и силно негативно влијание на нашата економија.
Ние тогаш не дозволивме да дојде до такво нешто, а камоли сега со 2 илјади дебело платени луѓе, кои ги бојадисуваат зградите и спомениците и се замислуваат дека прават некаква револуција.
Груевски категорично за протестантите вели дека „една третина до една половина се дебело платени од организаторите, главно НВО. И тие се најголем дел од агресивните. Тоа се луѓе што не само што се платени, туку живеат од тоа плаќање. Големи пари се трошат за сето ова. Останатите се мешавина од активисти на СДСМ кои доаѓаат по партиска задача на секој можен протест против нас.
Понатаму, има т.н. хејтери или мразачи, кои се на секој протест и го мразат секого што е на власт, бидејќи причините за своите лични неуспеси ги бараат кај власта, а не кај себе и во своите грешки и такви има во секое општество. Има и луѓе што наивно веруваат дека набрзо ќе дојде на власт СДСМ, па мислат да фатат некаков приклучок, да ги видат, заради остварување на некој нивен личен интерес.
Има и неуспешни поранешни функционери кои во секој проект на Владата ја препознаваат својата неуспешност и безидејност, па вака си лекуваат лични фрустрации и се надеваат пак на функција ако победи СДСМ.
Секако дел се реално незадоволни граѓани заради некои грешки и пропусти на власта. И тие се главната причина зошто секој таков протест внимателно го анализираме за да извлечеме некоја порака или поука од нив и да коригираме некое наше работење или однесување кон подобро“.
