Груевски: Почнува гасификацијата на Скопје!
Седумнаесет општини од скопскиот регион ќе бидат опфатени со проектот за гасификација, кој официјални започнува од денеска. Инвестицијата од околу 100 милиони евра ќе се реализира за пет години по принципот на јавно приватно партнерство, а дел од дистрибутивната мрежа ќе биде пуштен во работа во 2016 година, објави премиерот Никола Груевски.
Освен сите општини во Скопје, со гасификацијата ќе бидат опфатени уште седум од околината - Сопиште, Зелениково, Студеничани, Петровец, Илинден, Чучер Сандево и Арачиново. Изградбата на дистрибутивниот систем во должина од 250 километри, ќе почне во 2015-та и до 2019-та треба да се реализираат најмалку 70 отсто или 175 километри.
Владата во следните неколку дена ќе објави јавен повик со кој ќе бара приватен партнер за спроведување на проекот. Приватниот инвеститор ќе стопанисува со гасоводот 20 години, по што системот за природен гас ќе се пренесе во сопственост на државата.
На повикот ќе се бара приватен партнер кој веќе има искуство во оперирање со дистрибутивни системи за природен гас во урбани средини подолго од 5 години, системите за дистрибуција на природен гас со кој оперира треба да имаат повеќе од 40.000 корисници и да има вкупен годишен приход не помал од 40 милиони евра на годишно ниво.
Исто така, приватниот партнер од секој заинтересиран корисник ќе наплаќа приклучна такса од 1,25 евра по метар квадратен станбен или деловен простор или 100 евра за станбена единица од 80 метри квадратни.
„Анализите покажуваат дека инвестирањето од страна на корисниците треба да биде на ниво кое ќе обезбеди, инвестираните средства од нивна страна, од страна на корисниците за приклучување кон дистрибутивните системи, да се вратат преку годишните заштеди од приклучувањето на новиот систем за околу три години кај индивидуалните станбени објекти, а за корисниците во колективните станбени објекти и во останатите објекти за околу две години“, нагласи Груевски.
Според него, заштедата во трошоците на греење со гас е значителна доколку се спореди со онаа на други енергенси - парно, дрва, струја или екстра лесно гориво.
„Стан од 80 метри квадратни, ако користи природен гас за една грејна сезона, има намалување на трошоците од 24 отсто ако до сега користел парно, 7 проценти доколку користи дрво, 54 отсто доколку користи екстра лесно гориво, 51 отсто доколку користи течен компримиран гас и 35 проценти доколку користи електрична енергија за затоплување. Слични вакви податоци и параметри важат и за помалите комерцијални објекти со моќност од 10 киловати“, посочи Груевски.
Тој е уверен дека искористувањето на гасот, освен ова, значително ќе влијае и на намалување на загадувањето.
Слично
