Вкупно 5.500 пензионери ќе заминат на бесплатна бањско климатска рекреација годинава, а рокот за пријавување е до 14-ти феврури.
Трошоците за бањска рекреација на пензионерите ги покрива државата.Премиерот Никола Груевски вели дека до сега интересот на пензионерите за овој проект е голем.
„Тие беа задоволни од можноста што можат да посетат бања. Некои од нив претходно воопшто немале можност тоа да го направат. Овој проект продолжува и натаму. Сите што се заинтересирани можат да се пријават до 14 февруари. Интересот е огромен и се надевам дека годинава ќе продолжи со иста динамика и успешност како и претходните години’, рече премиерот.
До сега ова право го искористиле над 20 илјади пензионери.
Услугата за бањско климатска рекреација може да се користи еднаш во период од втората половина на март до ноември 2014 година, во траење од 7 дена и опфаќа: 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација.
Пензионерите коишто користат и паричен надомест за помош и нега од друго лице или додаток за мобилност и слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација, а трошоците за сместување и исхрана ќе бидат на товар на Министерството за труд и социјална политика.
Пензионерите кои што ја искористиле оваа услугата во претходните години немаат право да ја користат услугата и во 2014 година. Бесплатната бањско-климатска рекреација годинава ќе може да се користи во Негорски бањи, Дебарски бањи, Катлановска бања и во „Цар Самоил“.
Надлежните тврдат дка овој проект има двоен ефект - се овозможува бањско климатска рекреација на корисниците на пензија, а истовремено се развива и бањско климатскиот туризам, а правните лица коишто ја сервисираат оваа услуга имаат сигурни финансиски приходи во текот на целата година.