Груевски од утре тргнува во азиска турнеја – Јапонија, Кореја, Кина…
Премиерот Никола Груевски и владина делегација од утре заминуваат во повеќедневна посета на неколку држави од азискиот континент - Царството Јапонија, Република Кореја и Народна Република Кина, информираат од владината прес служба.
Нема информации колку ќе трае турнејата, но во состав на делегацијата се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, и портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
„Во рамки на посетата премиерот Груевски и делегацијата на Владата ќе остварат политички средби со претставници на овие држави, региони и области, ќе присуствуваат и ќе се обратат на бизнис форуми организирани од Фајненшл Тајмс за презентација на поволностите кои нашата земја ги овозможува за реализација на странски инвестиции, а ќе остварат и посета на болници во функција на засновање на соработка во здравството. Делегацијата и премиерот Груевски ќе имаат и средби со менаџерски тимови на компании кои се заинтересирани за инвестиции во Македонија или пак имаат донесено одлуки за инвестиции, како и со претставници на економски субјекти со кои нашата земја остварува соработка“, стои во владиното соопштение.
Прва на агендата утре е посетата на Јапонија при што ќе оствари средби со принцот Нарухито и со премиерот Шинзо Абе, и со други политички или економски функционери од Јапонија.
Груевски и владината делегација во Токио ќе се обратат на бизнис форум за промоција на поволностите кои Република Македонија ги нуди за реализација на странски инвестиции, кој се организира во соработка со Фајненшл Тајмс, а ќе се сретнат и со менаџерскиот тим на болницата Токио Џенерал Хоспитал (Tokyo General Hospital).
Бизнис форум во соработка со Фајненшел тајмс, за презентација на условите за инвестирање во Македонија, е планиран и во Сеул, Република Кореја.
Груевски и владината делегација е предвидено да го посетат и Специјалниот административен регион Хонг Конг, кој е дел од Народна Република Кина, каде ќе се сретнат со претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг, Ленг Чун-јинг и ќе ја посетат хонгконгшката болницата Квин Мери (Queen Mary) за да разговараат за соработка на двете страни во областа на здравството.
Во Народна Република Кина македонската владина делегација ќе оствари и посета на градот Гуангжу кој претставува седиште на мултинационалната компанија „Веибо“ која веќе има донесено одлука за инвестиција во Република Македонија и отворање на фабрика во североисточниот реон на нашата земја каде што е предвидено вработување на 5000 лица во рамки на капацитетите на компанијата. Владината делегација ќе оствари средба со врвниот менаџерски тим на компанијата „Веибо“ каде што ќе се разговара за понатамошната реализација на инвестицијата и за можности за понатамошна економска соработка. Премиерот Груевски ќе оствари и средби со политичките претставници на регионот Гуангдонг.
Слично
