Груевски: Обвинителите на СЈО говорат со омраза а без докази кон членството на ВМРО-ДПМНЕ
Како што информиравме вчера поради обемноста на интервјуто кое првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го дава за Телеграф.мк вториот дел го пренесуваат денеска.
Имено, во овој дел акцентот претежно е ставен на работата на Специјалното јавно обвинителство кое како институција произлезе од договорот од Пржино.
Запрашан екс премиерот за коментар каде забележал во работата на СЈО не правични и непрофесионални стандарди, Груевски вели:
„Еве, нема да се занимавам со инсинуации и со аферите што го следат работењето на СЈО, ќе се задржам на неспорните факти. Најпрвин, најголемиот дел од тие обвинители со висок степен на омраза говорат и се однесуваат кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ, нивните прес-конференции личат на политички настапи, со огромна доза на театар, без докази, со однапред подготвени флоскули од нивна страна, веќе се прогласени за виновни луѓе за кои воопшто нема покренато ниту обвинение, а уште помалку да се изјаснил судот. Нивните активности се апсолутно селективни и се насочени единствено кон една политичка партија, кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Сите бевме сведоци на тоа како претседателот на СДСМ јавно во медиумите во неколку наврати ги најавуваше следните нивни чекори и активности, и потоа СЈО буквално постапуваше согласно тие најави.
Сите го видовме ова преку медиумите. Тоа зборува и за нивна тесна поврзаност, координираност и давање инструкции од една политичка партија, а тоа е СДСМ. Како да верува некој во тие луѓе, за кои сите мислевме дека ќе се непристрасни и неутрални. Од она што го дознавам од раководни лица во институциите, освен што се однесуваат крајно арогантно, тие континуирано се служат со закани, и кон раководните луѓе во институциите и кон потенцијалните сведоци.
На многу од сведоците им велеле дека ако не прифатат да кажат и да потврдат онака како што бараат од нив, ќе заглават во затвор. Нешто слично како во 1949 година во Македонија, кога тогашната УДБА користеше такви методи“.
Груевски вели дека во СЈО се делеле плати и до 3.000 евра
Овие информации ги кажувам од многу сведоштва на многу луѓе што ги повикале на разговор. На некои од нив отворено им кажуваат дека целта им е некој политичар, и дека ако не прифатат да сведочат против него, а тоа значи лажно во случаите кога нема дело, ќе создадат ситуација со тоа што ќе ги набедат и обвинат самите нив.
За оваа екипа во СЈО, во немоќ да ги оправда парите што ги троши, се зборува дека има ултрависоки примања од по 2.500 до 3.000 евра месечни плати заедно со додатоците, во немоќ да му помогне на СДСМ преку наше оцрнување и бламирање пред јавноста, веќе го загуби компасот на своето дејствување, и целосно ја загуби и нашата доверба и довербата на мнозинството граѓани во земјата. Тие ја издевалвираа институцијата СЈО.
За градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко за кој Катица Јанева бараше мерка притвор и кој е под истрага, Груевски вели дека не можеле тие обвинители да помислат да си дозволат кај Едмонд Темелко или кај кого било да влезат дома без судски налог.
„Не може професионалци да помислат да си дозволат кај Едмонд Темелко или кај кого било да влезат дома без судски налог. И кога сме кај Темелко, СЈО бараше притвор за овој човек и е преокупирано со лишување од слобода на некој директор на подрачно училиште или полицаец кој наводно незгодно навредил некого, а, од друга страна, Верушевски, за кого постојат силни и цврсти докази за неговата улога во процесите, го ослободија од притвор, за каков професионализам зборуваме тука.
Не може на прес-конференција да објавуваат имиња или соодветно да опишат некоја личност без име, а на цела држава да ѝ е јасно која е личноста, без елементарен доказ против неа. Илифразата „партија на власт“, демек не ја споменале ВМРО-ДПМНЕ, а сите знаат дека периодот за кој имаат надлежност да испитуваат е токму периодот кога оваа партија е на власт.
На пример, фразата „една поранешна министерка за внатрешни работи“ не може да се однесува на никој друг, бидејќи само една жена ја извршувала таа функција во време кога имаат надлежност да испитуваат. Значи, луѓето тргнуваат со силна омраза кон нас, со желба некому да му наштетат на угледот, политички да го елиминираат, набедат и оцрнат. Без судска пресуда. Тргнуваат како политички противници, а не како независни обвинители.
Целиот втор дел од интервјуто на екс премиерот Никола Груевски прочитајте го овде.
