Економија, финансии, бизнис

Контакт

Груевски: Нововработените не се бирани по лотариски систем

Груевски: Нововработените не се бирани по лотариски систем

1.600-те лица од социјално ранливи категории кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“ се избрани со директното компјутерско рангирање, а не по систем на лотарија како што тврдат некои од медиумите, истакна денеска премиерот Никола Груевски.

- Не станува збор за лотариски систем или систем на среќа, туку за софтверско креирање на  ранг листа согласно утврдени критериуми и внесени податоци, а податоците се земени од самите лица коишто конкурирале, истакна премиерот Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Согласно Законот, додаде Груевски предвидена е второстепена постапка, односно можност за жалба за секој што конкурирал и не е задоволен што не бил примен на огласот.

Изборот на нововработените во „ЈП Македонски шуми“ е направен од над 20.000 пријавени лица. Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат на работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции. Имињата на избраните се читаа во рамки на отворената програма, а можат да се видат и на веб страницата на Македонски шуми.

Слично

Поврзани вести