Груевски: Невработеноста се намали поради ангажманот на Владата
Коментирајќи ги последните статистички податоци за квартално намалување на невработеноста во држава за 0,3 проценти, од 27,9 на 27,6 проценти премиерот Груевски оцени дека тоа се должи на политиките на Владата кои креираатдобра бизнис клима и понуда за компаниите да инвестираат и да отвораат нови работни места.
- Намалувањето практично е континуитет веќе подолг период. Неколку години, секој квартал, секои три месеци, имаме одредено намалување на невработеноста и трендот е јасен дека невработеноста не инцидентно, туку континуирано се намалува, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Катастарот.
Тоа, додаде, е резултат на сите политики што ги направивме досега, сите чекори како Влада и како држава, пред се во делот на креирање добра бизнис клима за компаниите, односно и домашните и странските компании да сакаат да инвестираат.
Причина за намалување на невработеноста, наброја, е и давање соодветна понуда на компаниите однадвор во смисла на правење на роуд шоу, пристап до големите компании, до нивните претседатели, ангажман на министрите без ресор кои се задолжени за привлекување инвестиции, на Агенцијата за привлекување инвестиции и на промоторите во триесетина држави.
