Груевски не дојде – судењето против Заев одложено за 3 јули
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не се појави на денешното рочиште во судскиот процес за клевета против лидерот на СДСМ Зоран Заев. Подготвителното рочиште беше одложено за 3-ти јули, со образложение дека одбраната на Заев поднела обемен доказен материјал што треба да биде проучен.
Груевски од Заев бара отштета од 500.000 евра за клевета поради тврдењата дека земал кеш од контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ - Нини за продажбата на „Македонска банка“. За овој случај, Заев како доказ понуди и аудио снимки на кои што тврди дека Груевски и Нини преку посредник ја договарале продажбата на банката.
„Да му беше важна правдата Груевски ќе бараше едно евро, а не толку голема сума. На јавноста и' оставам да нагодува зошто од мене бара половина милион евра. Јас верувам дека сум невин, а веќе и малите деца знаат дека на снимката е гласот на Груевски“, вели Заев.
Неговата одбрана бара оваа постапка да се прекине се' до правосилно завршување на кривичната постапка која беше иницирана од опозицијата на 22 април оваа година и за која Јавното обвинителство уште не се изјаснило.
Шестчлениот адвокатски тим на Зоран Заев пред отпочнување на судскиот процес побара и од судијката Весна Калковска тонско снимање на процесот.
Слично
