Груевски најавува многу нови инвестиции и илјадници вработувања
Роуд шоуата во Германија и САД дале најголеми резултати, сега во земјава е очекуваат две големи германски инвестиции и десетици други од цел свет, открива премиерот Груевски во интервју за Дневник, иако како што вели не сака да открива за кои компании станува збор поради деловниот кодекс.
Сепак открива дека во Велес треба да има инвестиција од областа на електрониката во автомобилскиот сектор со која ќе се вработат 600 лица во период од три години. Втората германска инвестиција е во областа на информатиката и давање консалтинг-услуги од ИТ на големи клиенти, каде најавија најмалку 1.100 вработувања, тврди Груевски.
Тој најавува инвестиции и од голема француска компанија од индустријата за автомобилски делови, како и инвестиции од две регионални компании, едната од областа на индустријата на градежни материјали, која, вели Груевски ќе инвестира во ТИРЗ „Штип“ и ќе вработи 80 луѓе, а втората од електронската индустрија, која планира да започне со работа до ноември со 50-ина вработувања.
Но тука не завршуваат идните најави за инвестиции.
„Шестата во најава е американска компанија од областа на автомобилски делови, која најави намера за инвестирање во Македонија. Претставници од таму беа на неколку локации, во Охрид, Kочани,Тетово и на други места во внатрешноста на Македонија, но се уште ни немаат кажано точно каде би инвестирале. Би вработиле околу 800 луѓе за период од три години, а би почнале во првата половина на идната година“, изјавува Премиерот кој на прашањето колку се сигурни овие инвестиции, вели дека ништо не е сигурно 100% додека не почнат со градба, иако во Влада се известени дека веќе донеле одлука да инвестираат во земјава.
Груевски не ја исклучува ниту можноста да ја сменат одлуката.
„И такво нешто се има случувано. На пример, лани по убиството на Железарското Езеро, една германска компанија ја смени одлуката за градење фабрика во Струга каде што требаше да вработат 1.500 луѓе и одлучи поради безбедносни ризици, наместо во Македонија, да инвестира во Бугарија“, вели Груевски.
Во интрвјуто за Дневник премиерот најавува и инвестиции од три големи американски компании, од две швајцарски компании за производство на опрема за обновлива енергија, од една туниска компанија за кабли на автомобили.
Големи компании се заинтересирани за инвестиции во земјоделството, рударството, металната индустрија, открива премиерот кој се пофали дека гплем број слободни економска зони никнуваат во Македонија.
„Паралелно со овие технолошко-индустриски развојни зони, многу е важно секој градоначалник во Македонија да изгради барем по една индустриска зона. Инвеститорите не сакаат само да инвестираат во ТИРЗ-овите, туку и во индустриски зони. Kој ќе биде спремен макар и со мала зона од 7-8 хектари, тој ќе ги привлече инвеститорите“, вели Груевски за Дневник.
Слично
