Груевски најави дека ВЕИБО Груп се подготвува за инвестицијата
При денешната посета на Крива Паланка премиерот Никола Груевски информираше дека ВЕИБО Груп се подготвуваат за инвестицијата и бараат да купат некоја постоечка текстилна фабрика во Крива Паланка или околината што работи за да им биде логистичка поддршка за тренинг на новите вработени.
- ВЕИБО Груп се подготвуваат за инвестицијата и во последните неколку месеци повеќепати ја посетија Република Македонија. Имав средби со сопственикот и менаџментот на компанијата на кои ми беше кажано дека им е важно кога ќе почнат со работа да имаат поголем број на обучени текстилни работници. Токму затоа, покрај планот што го имаат да инвестираат во зоната во Ранковце, каде ние ги извршуваме последните подготовки, по што би стартувале активностите на ВЕИБО, бараат некаков постоечки објект во Крива Паланка или околината, кој е текстилна фабрика што работи. Сакаат да ја купат за да им биде логистичка поддршка за тренинг на новите вработени, појасни Груевски.
Исто така премиерот додаде дека очекува во декември годинава или јануари следната година ВЕИБО Груп ќе започне со градба на фабриките.
- Очекувам откако ќе најдат некоја постоечка текстилна фабрика да ја откупат, да започнат со активности и со тренинг на вработени, а кога ќе почне градбата на нивните фабрики веројатно ќе почнат и позасилени тренинзи и регрутирање на вработени. Станува збор за повеќе фабрики, некои за производство на ткаенина, за боење и други видови на суровина, а некои за готова конфекција. Планираат да изградат и две фабрики за различни видови метални производи. Се на се, планираат да вработат најмалку 5.000 луѓе, прецизира Груевски.
ВЕИБО Груп во Македонија ќе инвестира вкупно 400 милиони долари.
