Груевски на отворањето на Протек го прогласи Октомври за месец на инвестиции!
Бунарџик од денеска има нов член. Отворена е фабриката „Продис“ на рускиот фармацевтски холдинг „Протек груп“ во која ќе се произведуваат хомеопатски лекови, органски и неоргански производи и чаеви. Во фабриката ќе бидат вработени 45 лица, а до крајот на годинава нивниот број ќе се зголеми на 80. Во втората фаза се очекува да бидат доградени уште 4.000 метри квадратни и да се вработат уште 80 лица со што целосно ќе биде затворено производството на хомеопатски лекови од суровина до финален производ. Вкупната вредност на објектот е 4,2 милиони евра, а досега се вложени 3,8 милиони евра. Остатокот ќе се инвестира до крајот на годинава.
Фабриката официјално ја отвори премиерот Никола Груевски заедно со економскиот тим на Владата, рускиот амбасадор во Македонија Олег Николаевич Шчербак и сопствениците.
- Октомври 2012 година дефинитивно е месец на инвестиции во Македонија. Отворен е „Сити мол“, инвестиција од 100 милиони евра во која се очекува да се отворат околу 2.000 нови работни места, „Кемет електроникс“, инвестиција од 25 милиони долари која се очекува да отвори околу 500 работни места, „Текнохозе“, инвестиција од околу 15 милиони евра што се очекува да отвори околу 200 нови работни места. Денеска го заокружуваме месецот на инвестиции со отворањето на новата фабрика „Продис“ на рускиот гигант „Протек груп“, инвестиција од околу 8 милиони евра кога целосно ќе се заврши. Во првата фабрика за хомеопатски лекови на Балканот се очекува да се вработат 160 лица по целосното завршување, рече премиерот Груевски на отворањето на фабриката.
Груевски смета дека новата фабрика, ќе донесе нови знаења и технологии за фармацевтската индустрија и за производство на лекови. Покрај директни ќе овозможи и голем број индиректни вработувања на лица пред се од еколошки чистите краеви на Македонија од каде „Продис“ ќе црпи суровини. Очекувања се дека од Македонија оваа фабрика ќе извезува кон другите балкански земји, но и кон Европа и светот. Премиерот смета дека инвестицискиот бран во Македонија, не е случаен.
- Свое влијание има изградбата на технолошко-индустриските развојни зони, даночната политика, состаноците со бизнис секторот, бројните разговори со инвеститорите и приватниот сектор на многуте роуд-шоуа, многу мерки за олеснување на бизнисот и серија економски политики спроведувани повеќе години наназад. Свое влијание има и повеќегодишната кампања за промоција на бизнис можностите на Македонија која ја спроведуваме постојано и на сите страни во светот, рече Груевски.
Додаде дека очекува и се надева оти и во иднина ќе продолжат новите инвестиции во Македонија и дека други руски компании ќе го следат примерот на „Протек груп“. Дека владините роуд шоуа дале резултати смета и Министерот за финансии Зоран Ставрески.
- Вториот сегмент за привлекување инвестиции е правењето добар амбиент, а тоа е 23. место на Македонија во светот во конкуренција на преку 185 земји што е најдобро во регионот. Третиот фактор е македонската дијаспора која ги убедува странците дека Македонија е добро место за инвестирање, рече Ставрески.
Директорот на ТИРЗ Виктор Мизо посочи дека денешниот настан е показател дека покрај САД, Велика Британија, Италија и Белгија интересот за зоните во Македонија се проширува и во други делови во светот, поточно кон Русија, земја што е пример за брзорастечка економија. Рускиот амбасадор Шчербак посочи дека и во услови на криза руските инвеститори продолжуваат да вложуваат средства во изградба и реконструкција на производствени капацитети во Македонија. Вкупниот број руски инвестиции во Македонија достигна 400 милиони долари, рече Шчербак.
Сопственикот на „Протек груп“, Јакунин рече дека тоа што го ветиле пред 2,5 години денеска станува реалност.
- Успеавме во нашите намери да создадеме фабрика што ќе произведува производи кои ќе ги задоволат потребите на современиот човек. Изградивме најсовремена фабрика за производство на органски и неоргански производи, чаеви и хомеопатски лекови со добар квалитет и конкурентни цени, рече Јакунин.
„Протек груп“ е еден од најголемите фармацевтски холдинзи во Русија што се занимава со производство, дистрибуција и трговија со лекови и козметика. Вработува 12.000 луѓе и има годишен обрт од четири милијарди долари.
Инаку, денеска Народната банка излезе со најновите статистички показатели за инвестициите. Во првите осум месеци од годинава, вредноста на странските инвестиции во Македонија изнесува 73,5 милиони евра. НБМ во август регистрирала одлив на 26 милиони евра – странски капитал. Лани , од септември до август инвестициите изнесувале 236 милиони евра и во однос на годинава биле за три пати повисоки. Ланската 2012 та заврши со салдо од 336,8 милиони евра .
