Економија, финансии, бизнис

Контакт

Груевски на економски форум и во посета на болница во Ливерпул

Груевски на економски форум и во посета на болница во Ливерпул
Висок раст, долгогодишната макроекономска стабилност со ниска инфлација, ниски трошоци за водење бизнис, реформи во образованието кои резултираат со квалификувана работна сила потребна за обезбедување на економскиот развој - ова се позитивните елементи на македонската економија што ги истакнува премиерот Никола Груевски и владиниот економски тим  на Глобалниот економски форум во Ливерпул, Велика Британија. Груевски истакнал дека Македонија четири пати се наоѓа меѓу топ-10 реформатори на листата „Дуинг бизнис“, а напредува и на листите за водење бизнис на магазинот „Форбс“ каде се бележи напредок од 46 места, напредокот од 35 места според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“, напредокот од 21-то место според Индексот за глобалната конкурентност, и најновата позиционираност на 29-тото место во светот според извештајот на реномираниот „Форин Полиси“. Во рамките на редовната програма на Глобалниот економски форум 2014 во Ливерпул, во соработка со групацијата „Фајненшл Тајмс“ се одржа и Инвестициски форум посветен на можноста за инвестирање во Македонија каде владиниот тим предводен од премиеротГруевски, а во чиј состав е и заменик претседателот на Владата Зоран Ставрески и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, ги презентираше можностите за водење бизнис во Македонија, и можностите за инвестирање на британските и меѓународните компании во Македонија. „За инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони е достапно ослободување од персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години и ослободување од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Земјиштето се дава под долгорочен закуп под поволни услови за период до 99 години“, рекол Груевски. Вицепремиерот Ставрески, пак, се осврнал на основните макроекономски показатели на земјата, истакнувајќи ги стабилноста на девизниот курс, ниската инфлација и зголемувањето на извозот кон значајни држави членки на ЕУ. Директорот Виктор Мизо ги објасни поволностите кои земјата ги нуди на странските инвеститори во индустриските зони. „Имаме искуство од прва рака колку пријатно место е за инвестирање Република Македонија. Голем дел од моето време го посветувам за да им кажам на луѓето колку добро е да се инвестира во Македонија. Таму сме поради природните ресурси, но и поради тоа што наидовме на пријателска и прагматична поддршка од македонската Влада, така да тоа е едно од најдобрите места за инвестирање“, изјави извршниот директор на компанијата „Еуромакс“, Стив Шарп. Како дел од заложбите на Владата за остварување на соработка со врвни медицински центри од повеќе специјалистички области, Груевски ја посети и Гинеколошката болница во Ливерпул, при што била постигната согласност за обука на наши лекари во оваа болница. Гинеколошката болница во Ливерпул е најголемата од тој вид во Англија, а воедно и најголема во Европа.Во неа годишно се раѓаат над 8 000 бебиња и се изведуваат над 10 000 гинеколошки процедури и операции. Неонаталошкиот оддел е еден од најдобрите во Велика Британија, а се вршат по 6 инвитро процедури дневно. Оваа болница поседува врвна лабораторија за генетски истражувања. Во втората фаза се предвидува и доаѓање на доктори од болницата во Ливерпул во Македонија со цел да го пренесат своето знаење на македонските колеги.
Слично

Поврзани вести