Економија, финансии, бизнис

Контакт

Груевски: Минималец од 10.080 денари во 2016-та, за текстилците и кожарците две години покасно

Груевски: Минималец од 10.080 денари во 2016-та, за текстилците и кожарците две години покасно
Владата во наредните 10 дена ќе понуди законско решение со кое ќе се зголеми минималната плата во стопанството од сегашните 8.050 денари на 10.080 денари, најави премиерот Груевски во обраќањето пред синдикалните претставници.

Зголемувањето ќе се изврши во тригодишна динамика почнувајќи од март 2014 година до март 2016 година, а со тоа директно ќе  се зголемат примањата на околу 65.000 работници во Македонија.

Премиерот појасни дека од март 2014 година минималната плата ќе се покачи од сегашните 8.050 денари на 8.800 денари. Од март 2015 година минималната плата ќе изнесува 9.590 денари, а од март 2016 година 10.080 денари.

„Ова значи дека со закон работодавачите ќе бидат обврзани да ја зголемат платата на ниво еднакво или поголемо од минималната плата“, истакна премиерот Груевски во обраќањето пред синдикатите во Домот на АРМ.

Во дејностите каде и досега заради спецификата на дејноста имаше посебна динамика на зголемување - тектистилот и кожарството, ќе има  дополнителни две години за приспособување и изедначување на платата со другите дејности. Минималната плата за овие гранки ќе изнесува 7.500 денари за март 2014, за март 2015 ќе биде 8.050 денари, а од март 2016 година таа ќе биде 9000 денари. во 2017-та ќе изнесува 9.590 денари и во 2018 кога ќе достигне 10.080 денари.

За оваа мерка веќе биле завршени неформални консултации со раководството на коморите и работодавачите и раководствата на синдикатите. Според премиерот, ова е голем успех и на синдикалното движење во Република Македонија.
Слично

Поврзани вести