Груевски: Македонија не е меѓународно изолирана
На денешната седница за пратенички прашања премиерот Никола Груевски истакна дека не постои никаква индикација дека Македонија е меѓународно изолирана.
„Впрочем времето ќе го покаже тоа, како што го покажа и во 2008 -та кога се почна истата приказна од истите извори од истите актери, па со тек на време се покажа дека не е се така“, изјави премиерот.
Прашањето за меѓународната изолација на земјата го постави пратеничката Љубица Буралиева на која премиерот според пишувањата на Сител и забележал дека многу лесно лепи етикети на новинари и на медиуми, потсетувајќи дека и таа до неодамна беше новинар, кој стана пратеник од редовите на СДСМ.
- Мислам дека вие немате многу морален простор и морално право тоа да го правите од причина што вие до пред некое време се претставувате како независен новинар, преку ноќ станавте кандидат на политичка партија за пратеник и пратеник, така што најмалку од морален аспект не е во ред да лепите етикети на вашите поранешни колеги, рече Груевски.
