Лопатите на Груевски
Груевски е растрчан на терен како во златните негови години од 2011-та кога не се симнуваше од екраните на провладините телевизии секојдневно најавувајќи нови проекти, изодување на програмата 100 чекори, обновена надградена и продолжена. Тоа што Груевски како лидер на опозицијата продолжува да се појавува на државни локации, на проекти кои ги изведува извршната власт со само технички карактер покажува за одликата која токму ВМРО-ДПМНЕ го претвори во партија која ја проголтала државата.

Никола Груевски на новинарите мораше да им каже да не го прашуваат кои му се плановите како опозиција во парламентот затоа што бил зафатен имал настан и требало да гледа претстава во новата Филхармонија. Груевски продолжува да ветува нови работни места како тој лично да ги отвори.
Проблемот е што и ниту еден од новинарите не му поставува прашања дали проектите се градени со парите на граѓаните преку нивните даночни обврски. Тој нема простор ни за изговор дека доаѓа во име на лидер на партија која ги ветила проектите во својата програма, а сега ги спроведува. Дали министрите кои му рапортираат на Груевски како партиски лидер, на државни локации одат со приватни возила или пак ги носат шофери со службени автомобили платени со државни, наши пари? Целата операција е злоупотреба на државните ресурси за промоција на партиски цели и тоа воопшто не е спорно ни за Груевски.

Играта на лидерот на опозицијата е сосема јасна, а тоа е да инкриминира уште еден изборен циклус кој ќе ги опфати локалните избори кои треба да се одржат најверојатно на 15 октомври, секако ако за тоа постои политичка волја во Собранието.
Дури и во гласање за измена на изборниот законик главниот збор повторно ќе го има СДСМ како предводник на новото парламентарно мнозинство со над 61 глас. Волјата на новата власт секако ќе биде изразена не само за датумот за новите избори, туку и за самото изборно законодавство и начинот на кој ќе се одржат тие избори.
Единствен начин за Груевски да продолжи и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ е токму да прикаже иницијатива, односно дека и натаму ги држи конците под своја контрола. Секако, дотогаш Заев ќе биде нов премиер кој ќе ја наметне програмата во извршната власт преку владата и промената на сите министерства, ресори и државни институции. Сосема е јасно и на што ќе се базира предизборната платформа на Груевски, а тоа е реализација на проектите кои се особено важни на локално ниво и кревањето на стравот кон Тиранската платформа и барањата на Албанските партии.

Ако не научивме никакви лекции во последните 11 години тогаш навистина овие тактики на Груевски би биле успешни, но во оваа држава веќе никој нема да може да си дозволи да остане наивен.
Автор: Христијан Станоевиќ
