Груевски кон Митов: Сакаме да го подобриме добрососедството
Премиерот Никола Груевски разговарал со бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централната европска иницијатива (ЦЕИ) во Охрид.
На средбата со бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов премиерот Груевски ја изразил решителноста на Република Македонија за континуирано подобрување на добрососедските односи, што придонесува за поинтензивна политичка и економска соработка во регионот. Двајцата разговарале и за работата на работните групи на министерствата за надворешни работи во врска со договорот за добрососедство меѓу двете земји и го истакнале значењето на нејзиното донесување, што би довело до нов позитивен момент во односите меѓу двете земји. Премиерот Груевски ја истакнал отвореноста на државата за соработка за проекти од интерес на граѓаните на двете држави во областа на патната и железничката инфраструктура, и изразил интерес кон зголемената економска соработка.
Груевски остварил билатерални разговори и со министрите на Италија и Унгарија. Македонскиот премиер ги известил своите колеги за приоритетите за време на македонското претседателство на ЦЕИ како напредок во интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ и економските приоритети поврзани со изградбата на инфраструктурни проекти, развој на туризмот, земјоделството и културата.
На средбите било разговарано и за стратешките цели на Република Македонија, предизвиците со кои се соочува земјата во однос на политичката ситуација, подготвеноста и одговорноста овие предизвици да се надминат, како и можностите за продлабочување на билатералната соработка меѓу државите.
