Груевски како Дедо Мраз: Колку проекти вети само во септември?
Никола Груевски не е претседател на владата од 15 јануари. Тој во моментов не извршува ниту една државна функција, но на терен ги координира највисоките функционери во извршната власт во земјава, почнувајќи од премиерот Емил Димитриев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски секој втор ден обелоденува по некое ново ветување за граѓаните на Македонија. Речиси секојдневно е на терен, опкружен со министри и директори на јавни институции, но главниот збор го има тој. Само во септември Груевски најави десетици нови проекти кои ќе ги реализира Владата со пари од буџетот. И тоа од реформи во спортот до гасоводна мрежа.
Фактор направи попис на ветените проекти од Груевски во последните триесетина дена.
Последното ветување дојде вчера, во ист ден кога СДСМ го објави „Планот за Македонија“. Во дел од медиумите беше најавен како нов мега проект: Изградба на 140 детски градинки, од кои 100 комплетно нови. Проектот според проекциите ќе чини околу 25 милиони евра.
Два дена претходно, Груевски беше меѓу граѓаните на Свети Николе и околните села. Жителите од овие места побараа асфалтирање на улици, чистење на канали и изградба на водоводна и канализациона мрежа. На жителите од Ерџелија им беше ветено дека ќе се реши проблемот со доаѓањето на лекар од Здравствениот дом од Свети Николе. Притоа Груевски направи директен телефонски разговор со директорот на ФЗОМ Сашо Стефановски, кој го информираше лидерот дека ќе се направи контрола во ова населено место и ќе бидат преземени сите мерки бидејќи согласно потпишаниот договор со ФЗОМ матичниот лекар има обврска да ги третира пациентите од тоа место.
Ден порано, на 29 септември, Груевски присуствуваше на промоција на книги од едицијата „Македонски искушенија“. Но, ја искористи приликата и најави радосна вест за пензионерите – ново покачување од 670 денари на декемвриските пензии.
-Досега со зголемувањата на пензиите просечната пензија е зголемена за 70, а минималната за 90 проценти. Сега на сето ова ќе има ново, 5 процентно зголемување. Вкупно околу 300,000 пензионери ќе добијат по 670 денари плус. И покрај сите проблеми со кои што се соочи Владата, сепак со многуте мерки кои се превземаа се ублажија последиците од политичката криза која имаше удар врз економијата и се овозможи да сепак дојде до зголемување на пензиите онака како што претходно беше планирано, рече Груевски.
28 септември: Електрични автобуси- револуционерна новина во градот Скопје
Груевски како министер за економија, за труд и социјала, па сега и како градоначалник на Скопје. Најави набавка на 50 електрични автобуси за главниот град, кои ќе значеле нула проценти загадување и дополнителна комоција и можност за превоз на граѓаните.
Од лидерот на владејачката партија слушнавме и дека ВМРО-ДПМНЕ планира изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас и обезбедување на субвенции за вградување на плински систем во автомобилите што ќе значело поддршка на граѓаните кои поради цената или други причини нема да се одлучеле за електричен автомобил.
На 24 септември претседателот на ВМРО-ДПМНЕ беше во посета на Куманово, каде што присуствуваше на пуштање во употреба на тениски центар, но ја искористи приликата да им најави на жителите дека во нивниот град ќе се гради Ургентен центар. Проценката е дека ќе чини околу 780 000 евра.
Груевски промовираше и 4 мерки од областа на спортот- директна поддршка за спортистите, клубовите, федерациите, Македонскиот олимписки комитет.
На 17 септември за време на посетата на поплавеното Стајковци, на „случајно“ новинарско прашање, Груевски вети стипендии за над 200 студенти за најпрестижните универзитети во светот. Во истата прилика од лидерот на ВМРО-ДППМНЕ исто така одговарајќи на прашање од новинарите најави посебен додаток за децата со цистична фиброза.
Груевски ќе го реши и патот Гостивар-Кичево. Инвестиција вредна 8,6 милиони евра, за реконструкција и обнова на овој пат. Ќе се гради и водоводна мрежа во 6 села во Македонски брод.
„Меѓу народот сме препознаени како политичка гарнитура која стои зад дадениот збор, политичари кои ги остваруваат дадените ветувања и работат на исполнување на барањата и потребите на граѓаните. Ние го испорачуваме ветеното и тоа е голема одговорност“, вели Груевски.
Никола Груевски не е претседател на владата од 15 јануари. Тој во моментов не извршува ниту една државна функција, но на терен ги координира највисоките функционери во извршната власт во земјава, почнувајќи од премиерот Емил Димитриев.
Груевски го избра Димитриев за свој наследник на „Илинденска“ во јануари годинава, а ден потоа тоа решение го верифицираше и парламентот, согласно со измените во Законот за Влада, според кои лидерот на најголемата владејачка партија се повлекува од премиерската функција сто дена пред избори. Но, оттогаш поминаа речиси девет месеци – период во кој изборите беа два пати одложувани, додека кабинетот на Димитриев помина низ неколку трансформации.Ј.М.
