ГРУЕВСКИ ИЛИ ЗАЕВ? ВМРО ДПМНЕ ја повика СДСМ да ја објави „бомбата“!
Откако лидерот на опозицијата Зоран Заев најави медиумска бомба што драматично ќе се одрази врз власта, врз коалицијата но и врз цела Македонија, власта денеска го повика да ги обелодени наводните докази за случувањата. Заев најави дека аферите што ќе ги обелодени ќе го натераат Груевски да си поднесе оставка за три дена.
Од ВМРО ДПМНЕ, пак сметаат дека Заев создава лажна еуфорија за да си го бодри членството. ВМРО ДПМНЕ денеска соопштија дека се подготвени за сите можни сценарија, свесни за сопствените вредности и принципи, и водени од интересите на државата и граѓаните.
„Таа бомба, според нив, ќе треба за 3 дена да ја натера владата со наведната глава да се повлече, таа бомба задирала во меѓуетничките односи, и во којзнае уште што, таа бомба можела да наштети на државата, но сепак тие, иако не сакале, ќе ја активирале, таа бомба била многу опасна; па имаше и разни шпекулации што се содржи таа бомба, па нагаѓања, со цел кај јавноста да се создаде свесност и исчекување на темите кои опозицијата сака да ги наметне. Исто така, во целата таа нивна еуфорија, бевме прозивани ако сме биле чесни да побараме од нив да го објават тоа што го имаат.
ВМРО-ДПМНЕ со ова соопштение до јавноста јавно го повикува лидерот на СДСМ г -динот Зоран Заев да објави се што има да објави.
ВМРО-ДПМНЕ никогаш досега, а ниту во иднина нема да подлегнува на притисоци и уцени, и вакви сценарија, без разлика од кого доаѓаат. Со уцени и притисоци и со непринципиелен и неодговорен пристап не се постигнува ништо, и ние тоа ќе го докажеме.
ВМРО-ДПМНЕ останува посветен на програмските определби и ветувања кон граѓаните, а што се однесува до СДСМ може слободно да прави буквално како што сметаат дека треба, ние не веруваме дека тоа е начинот на кој се постигнува доверба кај граѓаните“ се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.
Лидерот на опозицијата Зоран Заев тврди дека има докази против премиерот Никола Груевски кои ќе го натераат во рок од три дена да си поднесе оставка.
Ова свое тврдење првиот човек на СДСМ го изнесе на трибина во Битола, прва од серијата слични настани што ги организира опозицијата низ Македонија.
„Мојата верба во тие докази е толку голема, толку силна, што го ставам во залог својот политички кредибилитет и кредибилитетот на целото раководство на партијата. Македонија ќе треба да се срами од тие докази затоа што се сензитивни и допираат до меѓуетничките односи. Ако не успееме политички, не заслужуваме да ја водиме опозицијата. Е толку е силна вербата во доказите и аргументите што ги поседуваме“, изјави Заев пред две недели, не откривајќи се уште за какви докази станува збор, ниту кога ќе ги обелодени.
Слично
