Груевски и Заев во суд – почнува судењето за клевета за „Македонска банка“
Премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата Зоран Заев в петок можеби ќе се сретнат за да бараат излез од политичката криза, но веќе утре ќе се најдат еден наспроти друг во судница - почнува судскиот спор во кој Груевски го тужи Заев за клевета за информациите за земен кеш за продажбата на „Македонска банка“.
Премиерот од лидерот на СДСМ бара отштета од половина милион евра. Заев на пресконференција го обвини Груевски дека за продажбата на „Македонска банка“ зел на рака 1,5 милиони евра од контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ - Нини, а како доказ понуди и аудио снимка од наводните преговори на Груевски и бизнисменот преку посредник.
Опозицијата снимките ги достави и до Јавното обвинителство, но по два месеца од таму нема никаква реакција.
Минатото лето Груевски доби отштета за клевета од Тито Петковски, во висина од 650.000 денари, затоа што Петковски во интервју тврдел дека Груевски пред самитот на НАТО во Букурешт се согласил со промена на името.
Слично
