Груевски и Заев – размена на обвиненија за неуспехот во Брисел
Лидерите на двете најголеми партии, на владеачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и опозицискиот Зоран Заев, се обвинуваат еден за друг за неуспехот на преговорите во Брисел на кои не е најдено решение за надминување на кризата во која се наоѓа земјава.
Во Брисел вчера во присуство на еврокомесарот Јоханес Хан и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, повеќе од 12 часа траеа разговорите на лидерите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ , но и лидерите на албанските партии, ДУИ и ДУ кои нешто поред полноќ завршија без договор.
Премиерот Груевски, чија оставка ја бара СДСМ , синоќа изјави дека „Зоран Заев во Брисел дошол да не се договори“, како и дека се плаши од вонредни, парламентарни избори чие одржување начелно е договорено за април 2016 годиниа „бидејќи знае дека СДСМ ќе доживее тежок пораз и најголемо фијаско во својата историја“.
„За да се реализира договорот за изборите би требало да се договориме како да се организираат. Тој (Зоран Заев) бега од избори. Поставува такви услови за кои однапред знае дека не може да се договорат. Затоа што целта не е да се договори. Целта му е да не се реши кризата, да поче да тоне економијата и да нема избори“, изјави премиерот.
[embed width="700" height="450" ]https://youtu.be/xpYng-Pllts[/embed]Лидерот на СДСМ пак Заев, кој на преговорите во Брисел не отстапи од ставот на премиерот Никола Груевски мора да поднее оставка и преодна влада да организира избори, рекол дека „избори со Груевски не можат да бидат фер и дека не може човек кој е главен проблем да биде решение на проблемот“.
„Неразумно и нелогично е креатор на кризата Груевски да остане да раководи со влада која треба да организира, подготви и спроведе предвремени избори. Нема погодување со слобода и демократски вредности кои ги заслужуваат граѓаните на Македонија како и нивте сограѓани во Европа“, рекол Заев.
Медиумите, повикувајќи се на партиски и дипломатски избори пренесуваат, дека вчера во Брисел предмет на преговорите, помеѓу останатите решенија, било и тоа дека Груевски до почетокот на 2016 ќе поднесе оставка на местото премиер, со што тој начелно се согласил, но што не го прифатил Заев, барајќи до оставка да дојде многу порано.
Еден од предлозите околу кои не е постигната согласност бил и да се формира техничка влада чии два потпретседатели би биле Заев и Груевски.
Европската унија во соопштението после состанокот доцна синоќа ги повика сите страни во земјава дека е “во интерес на својата земја и нејзините граѓани да најдат без одложување траен политички компромис за да се дефинира веќе постигнатиот договор во Скопје на 2 јуни“.
Тоа,е како што се наведува во соопштението , „од суштинско значење земјата да направи било каков напредок на патот кон евроатлантските интеграции“.
Иако се очекува преговорите меѓу лидерите на партиите да продолжат, засега не е најавено како и кога нивното продолжение ќе биде организирано.
