Груевски и Заев лично ќе ја водат комисијата за инцидентите
Во 14 часот денес во клубот на пратеници со работа продолжува комисијата за расчистување на собраниските инциденти од 24 декември. Според информациите до кои дојде „Фактор“, во работата на комисијата се очекува да учествуваат и лидерите на двете најголеми партии, премиерот Никола Груевски и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Во клубот на пратеници се очекува да се појави и професорот Борче Давитковски кој беше предтседател на комисијата, но си поднесе оставка. Овој епилог е резултат од вчерашната средба во Владата помеѓу Груевски и Заев. Инаку, по средбата во Владата, и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ остануваа цврсто на своите ставови. СДСМ не се откажува од формулацијата за уставно прекршување, додека пак партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ бара кривична одговорност за поранешни функционери кои што ги предизвикале инцидентите и немирите.
Расчистување на инциденти за добар европски извештај или предвремени парламентарни избори
Од епилогот на комисијата која треба да ги расчисти собраниските инциденти зависат многу работи. Извори за „Фактор“ тврдат дека ова е последен обид за расчистување на собраниските инциденти, рокот е до петок (23 август 2013), ако до тогаш не се постигне договор, тогаш не се исклучени и предвремени парламентарни избори. Eвентуално не постигнување на договор истворемено ја загрозува и европската иднина на Македонија. Доброупатени извори за „Фактор“ не се оптимисти дека ќе дојде до конечен договор, затоа што власта во една ваква ситуација ќе признае дека го прекршила Уставот на Република Македонија. Иако, не е време за парламентарни избори, сепак одржување на предвремени парламентарни избори при евентуален недоговор до петок може да се случат веќе во март или април.
Штуро заедничко соопштение после вчерашната средба на Груевски и Заев
Во заедничкото усогласено и официјалното соопштение стои дека двајцата лидери ќе ги вложат последни напори за откочување на процесот, да се донесе конечно решение околу извештајот на комисијата како последен обид за постигнување на договор.
„Во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување на конечно решение околу извештајот на комисијата, како последен обид за постигнување на договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија“, стоеше меѓудругото во заедничкото соопштение. На средбата беше договорено, досегашниот краен рок за постигнување на согласност за Извештајот на комисијата, 14 август, да се пролонгира и истиот да биде до петок, 23- ти август 2013 година по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.
Редакција Фактор
Слично
