Груевски и понуди помош на Бугарија за справување со поплавите
Премиерот Никола Груевски испрати писмо со сочувство до неговиот бугарски колега Пламен Орешарски заради поплавите кои ја зафатија Бугарија и однесоа најмалку 11 животи.
Во писмото, Груевски нагласува дека со огромна загриженост ги следи информациите за поплавите кои предизвикуваат жртви и материјални штети во земјата.
„Дозволете ми, во овој тежок период за Република Бугарија, од мое лично име, и од името на граѓаните на Република Македонија да изразам длабоко сочувство за жртвите од поплавите. На семејствата кои ги загубија своите најмили, Ве молам да им пренесете дека сочувствуваме со нивната болка и дека нашите молитви и мисли се со нив“, пишува Груевски.
„Во духот на искрените и добрососедски односи кои ги имаме и во духот на солидарноста и пријателството на нашите народи, во оваа прилика сакам да Ве известам дека можете целосно да сметате на помошта на Владата на Република Македонија. Подготвени сме во нaјбрз можен рок да ги ставиме на располагање сите потребни ресурси со цел санирање на штетите кои ги предизвика природната непогода“, се додава во писмото, во кое се изразува надеж дека состојбата што поскоро ќе се нормализира.
Слично
