Груевски и Иванов го честитаат Денот на македонската револуционерна борба
Премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванив денеска упатија честитки до граѓаните по повод 23-ти Октомври - Денот на македонската револуционерна борба. И двајцата повикаа на единство и сплотеност на овој датум.
Според Груевски, аманетот за слобода, за подобар живот, за подобра иднина на Македонија од револуционерите се пренесува до денеска.
„Таквиот аманет го носиме и ние денес, нашата борба е економски развој, воспоставување на систем на вредности и принципи кои се во функција на развојот. Она што ќе го изградиме денес, тоа ќе го оставиме во наследство да го надоградуваат и развиваат нашите деца, нашите внуци и сите идни потомци. За постигнување на оваа цел е потребно единство и сплотеност околу важните и суштински прашања за напредокот на државата, потребно е меѓусебно почитување и разбирање, градење на доверба која ќе се темели на добрите дела кои меѓусебно ќе не зближуваат“. порачува Груевски во честитката.
Иванов нагласува дека одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба го симболизира континуитетот на македонскиот стремеж кон слобода и државност.
„Наша должност е да го исполнуваме заветот на предците - сложно и заеднички да ја чуваме нашата Република Македонија, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност. Македонија е една и единствена, а наша задача е да им ја предадеме на нашите потомци. Заедно и обединети да ја градиме иднината и напредокот на европска и евроатлантска Република Македонија. Оние кои мечтаеа за независна и демократска македонска држава може да се гордеат со генерациите што доаѓаат“, порача шефот на државата.
Слично
