Груевски го разбуди гневот кај наставниците и учениците: “Образованието е многу посложен процес од еден тест на заокружување!”
Пораката на премиерот Груевски дека нема да се откаже од екстерното тестирање, како и критиките кои ги упати кон Пленумите кои досега аргументирано и остро ја критикуваа реформата, предизвика жестоки реакции кај средношколците и професорите.
Професорката Данијела Ѓорѓевиќ од Наставничкиот пленум вели дека секој наставник има “вграден механизам” прво да мисли за доброто на своите ученици, но според последните изјави на надлежните добива чувство дека само наставниците и учениците размислуваат и сакаат во ова општество да има лекари кај кои ќе се оди со полна доверба, да има одговорни инжинери кои ќе изградат мостови и згради што нема да се срушат, да има способни генерали кои ќе изградат вистинска стратегија, да има стручњаци кои ќе предвидат и спречат природни катастрофи и така натаму. Ние вели не можеме сето тоа да го правиме, но може да создадеме такви личности и токму затоа образованието е столб на секое општество и не постои време кое не е соодветно за да се посвети за негово подобрување.
“Непријатно сум изненадена од спомнатата изјава на Премиерот и ја доживеав како атак на нашата професија. Пред сè, како просветен работник, ме повреди тврдењето дека: „Екстерното тестирање во училиштата се воведе откако во државата повеќе од деценија ипол бевме сведоци на необјективно оценување кај огромен број наставници и ученици“. Ваквото тврдење не е поткрепено со анализи за вистинските состојби, туку е одраз на субјективно видување. Како некој кој е директно вклучен во воспитно-образовниот процес не можам да порекнувам дека има изолирани случаи на необјективно оценување, но одговорно тврдам дека оваа појава никако не се однесува на огромен број на наставници и ученици. Наставниците понекогаш се изложени на притисок за поправање на оценки, но голем број од нас успешно се справуваме со истите. На крајот на краиштата, дури и да прифатиме дека состојбата навистина е таква, екстерното тестирање не е инструмент за нејзиното подобрување”-вели професорката Ѓорѓевиќ.
Според неа треба да се работи на развивање на свеста кај учениците и родителите дека на учениците им е потребно знаење, а не оценки, треба да се развива љубов кон учењето, а тоа никако вели не се постигнува со репресивни мерки.
“За тврдењето на Премиерот дека „тука кај нас се креваат протести и демонстрации за еднаш годишно тестирање на знаењето“, мислам дека тој точно не разбрал или не сака да разбере зошто учениците ја бојкотираа наставата и протестираа. Истите тие ученици се изложени на постојани тестирања од нас наставниците, но тие никогаш не се побунија против тоа. Значи не е протест против тестирање како тестирање, туку против сè она што екстернoто тестирање, спроведено така како што е спроведено, носи со себе. Учениците не веруваат во објективноста на така добиената оценка. Тие знаат дека екстерното тестирање не се спроведува во сите училишта под исти услови. Дали Министерството обезбедило иста контрола во сите училишта? Дали и во руралните училишта има доволно надворешни лица кои ќе обезбедат да нема манипулации како што се препишување, па дури и поткажувања од страна на самите наставници? Има ли МОН тој капацитет во човечките ресурси?”-прашува професорката.
Сè уште наставникот во нив вели е силен, но се плаши дека се соочени со стравот за сопствената егзистенција и може да превладее оној момент кога ќе се запрашаат дали сите нивни принципи и труд се вредни за еден ден да се најдат на улица.
“Да бидеме начисто, сите можеме да тргнеме по линија на помал отпор и на одговорните да им го дадеме тоа што го бараат – поклопување на нашите оценки со оценките од екстерното тестирање. Механизмите лесно ќе ги најдеме, ќе се посветиме само на прашањата кои се однапред познати, ќе им ги кажеме на учениците одговорите, ќе бараме само нив да ги научат и ќе даваме оценки само на тие прашања. Искрено се плашам дека ќе дојде и овој момент и не сакам ни да размислувам во таа насока затоа што дури тоа ќе биде катастрофа по општеството. Пленумите токму против тоа се борат, екстерното тестирање да не влијае негативно врз образовниот процес”-потенцира професорката Ѓорѓевиќ.
Оцеката добиена на екстерното тестирање додава не е вистинскиот одраз на знаењата на учениците и нивните вештини. Учениците треба да се стекнат со разни вештини и знаења, треба да решаваат задачи, да се оспособат за усно изразување, да се оспособат за самостојни истражувања, изведување на експерименти, носење на заклучоци, а тоа не се постигнува само преку екстерен тест.
“За Премиерот „загрижувачки е отпорот на дел од народот кон знаењето и учењето“. Можеби на Премиерот никој не му кажал дека најгласно протестираа токму најдобрите ученици. Дел од учениците што кампираа пред МОН лично ги знам и сум им предавала, тврдам дека тоа се ученици кои немаат отпор кон знаењето и учењето. Напротив, тие сакаат да учат и да се стекнат со солидни знаења, тие сакаат подобро образование и токму затоа протестираа. Истите тие ученици ги подржаа нивните родители за што Премиерот рече: „охрабрувањето на учениците наместо да учат, да протестираат против проверката на знаењето, ќе бидам отворен е катастрофа за општеството.“ Откога поддржување на сопственото дете е катастрофа? Се работи за совесни родители кои убаво разбрале за што нивните деца се борат и што сакаат. Се надевам дека еден ден и одговорните тоа ќе го разберат”-нагласува професорката Данијела Ѓорѓевиќ.
Наставничкиот пленум, а уште помалку Средношколскиот пленум, како што вели не се врзани за ниедна партија бидејќи ги интересира единствено образовната политика. Тие додава професорката, сакаат да разговараат и да бидат вклучени во креирање на законски решенија кои ќе бидат добра основа за добивање на квалитет и знаење. Пленумите објаснува, се резултат на отпорот кон несоодветните закони и желбата за подобри услови и подобар третман и за учениците и за наставниците.
“Добро е што Премиерот е свесен „дека екстерното тестирање не е совршено, и може да се подобрува.“, но да потсетам дека истото тоа несовршено екстерно тестирање влијае на успехот на учениците и има клучна улога и е единствен инструмент кој одлучува кој наставник е добар, а кој не е. Уште повеќе, тоа несовршено екстерно тестирање е единствен инструмент според кој наставник може да биде парично казнет па дури и да остане без работното место. Јас би поставила прашање дали ние наставниците сме само оценувачи или сме нешто повеќе во воспитно-образовниот процес? Што е со нашата улога како предавачи и воспитувачи? Дали нашата задача е само да оценуваме и оценката да ја погодиме со оценката од екстерното? Кој тврди и може да докаже дека оценката од екстерното е повалидна од нашата оценка? Сите ние имаме соодветно образование и положен стручен испит, со што сме станале компетентни да оценуваме”-објаснува професорката.
Наставничкиот пленум порачува, не сака да се меша во поставување на одговорните луѓе на одредени позиции, ниту да им дава некои карактеристики, туку е подготвен да дебатира и да ги стави на располагање знаењата и искуствата како практичари за соработка со содветните институции.
С.Б.
Слично
