Груевски ги покани индиските компании да инвестираат во Македонија
Премиерот Никола Груевски денеска се обрати на отворањето на глобалниот престижен самит “Вибрант Гуџерат” чија цел е зајакнување на економските врски, продлабочување на економската и политичка соработка и унапредување на индустријата и трговската размена меѓу државите.
Меѓу учесниците на самитот, кој го отвори премиерот на Индија, Нарендра Моди, беа и генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун, државниот секретар на САД, Џон Кери, претседателот на Светската Банка, Џим Јон Ким, претставници на глобални корпорации, извршни директори на компании и извршните директори на најголемите компании во Индија.
Груевски во своето обраќање пред присутните подвлече дека присуството на светски политички и економски лидери, како и учеството на мноштвото на академици и експерти, го прави овој самит одличен форум за дебата, за споделување на знаењето и искуствата и зајакнување на меѓусебните врски.
Тој посочи дека Индија како 10- та најголема држава во светот по растот на номиналниот бруто домашен производ и глобално како една од најбрзо растечките економии, допринесе значително за растот на светската економија во период на тешки времиња во 2007 и во 2008 година, кога имаше силни последици во Светската економска криза.
Премиерот Груевски во своето обраќање се задржа и на искуството на Република Македонија и главниот фокус на државата во водењето на политиките.
„Нашиот глобален свет можностите не доаѓаат сами од себе. Tие требаат да се креираат. Затоа потребно е да се биде инoвативен и да се продолжи со унапредување на перформансите и можностите. Тоа беше и движечката сила на сите клучни политики кои се спроведоа во последните неколку години во Македонија. Со особен фокус на овозможување на добра бизнис клима, инвестирање во инфраструктурата, поддршката и силни реформи во образованието, и администрацијата, и поддршка на иновациите, технолошкиот развој и владеењето на правото“, изјави премиерот Груевски.
Претседателот на Владата на Република Македонија денеска на маргините на глобалниот самит оствари и билатерални средби и разговори со повеќе политичари и премиери кои учествуваа на самитот.
Премиерот Груевски го информирал индискиот премиер за мерките и реформите кои се превземаат на економски план, а премиерот на Индија изразил задоволство што двете држави имаат нагорен тренд на развој на меѓусебните односи и на билатерален и на мултилатерален план, се вели во владинното соопштение.
При средбата со Моди, македонскиот премиер потенцирал дека индиските компании се добредојдени за инвестирање во државава. Исто така, Груевски го поканил индискиот премиер во наредниот период да ја посети Македонија.
„Големото чувство за гостопримство и срдечниот менталитет се уште една точка која ја споделуваме со нашите индиски пријатели, исто како што ја споделуваме една од најхумани личности кои ја одбележаа нашата ера: Мајка Тереза родена во Македонија, во Скопје и почитувана во Индија и во светот”, истакнал Груевски.
Груевски на маргините на самитот остварил билатерална средба и со премиерот на индиската држава Гуџерат која е и домаќин на денешниот самит, г-ѓа Анандибен Пател.
Разговори остварил и со претседателот на Светската банка, г-дин Џим Јонг Ким со кого ја констатирал одличната меѓусебна соработка која постои во однос на реализација на повеќе актуелни проекти.
„Разговор беше остварен и со државниот секретар на САД, г-дин Џон Кери, генералниот секретар на Обединети нации, г-дин Бан Ки Мун, како и со повеќе други премиери, министри, и извршни директори на компании кои беа присутни на самитот“, информираат од Владата.
Слично
