Груевски ги демантира наводите на Заев
Премиерот Груевски преку соопштение до јавноста ги демантираше наводите изјавени од Зоран Заев дека купувал градежни плацеви и дека наводно бил сопственик на било каков плац кој не е пријавен во неговиот имотен лист, истакнувајќи ги наводите на Заев како целосно измислени и невистинити.
„Најостро ги демантирам, како целосно невистинити, наводите изјавени од Зоран Заев за тоа дека наводно сум купувал градежни плацеви и дека наводно сум сопственик на било каков плац, или пак на било каков начин поседувам имот надвор од оној кој е пријавен во мојот анкетен лист, кој е јавно објавен.
Овие наводи се целосно измислени и невистинити. Тоа се лаги и конструкции чија цел е јасна, а тоа е моја компромитација, како дел од сценариото кое овој човек го одработува.
Очигледно откако сфаќаат дека ефектот од ова што го прави Зоран Заев е далеку од она што го очекуваа, тој се повеќе се заглавува во нови и нови конструкции и на тој начин сака да го дефукисира вниманието од неговата лична одговорност базирана на злоупотреби и тешки кривични дела“, стои во демантот на премиерот објавен на официјалната страна на Владата.
