Груевски: Европската заедница е свесна за штетата која ја прави Заев
Владеачката гарнитура на чело со премиерот Никола Груевски денеска одржува народен собир во Прилеп.
„Народот ги прочита и не им верува, иако мислеа којзнае што ќе направат и го потценија нашиот народ, втора карика им беше меѓународната заедница и се колнеа во неа како во единствен апсолут, и од таму не го добија тоа што го сакаат, па сега се обидуваат со провидни наслови и контексти да презентираат демек којзнае каква поддршка имаат“, вака премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ го започна својот говор пред прилепчани.
Премиерот пред граѓаните објаснуваше што поддржуваат странците и меѓународната заедница.
-Тие поддржуваат ова да заврши што е можно побрзо, затоа што и сакаат добро на државава и се свесни, говорам за оние кои ни се заинтересирани пријатели, дека штетата која овој човек со ова однесување и ја прави на државата е огромна и може да ги загрози нејзините перспективи. Странците сакаат сериозно и одговорно пристапување кон процесот „Пуч“ и кон наводите произлезени од нападите на опозицијата. Странците, потсетувам тука, говорам за добронамерните пријатели на нашата земја, сакаат стабилна Македонија која ќе продолжи по реформскиот курс и ќе создава подобри услови и можности за граѓаните низ демократски процеси. Сето тоа е во ред и треба да се земе сериозно и одговорно и ние тоа го правиме, во контекст на аспирациите и стратешките определби на Македонија за влез во ЕУ и НАТО, рече Груевски. Премиерот потенцира дека најважно од се е што сака народот на Македонија. -Народот е тој што гласа на избори и што живее во оваа земја и со секојдневните проблеми на оваа држава. Народот е тој што дава и одзема мандат, народот е тој што ја гради оваа земја, со чии пари издвоени за данок се создаваат дела, проекти, инфраструктура, објекти, се делат поголеми плати, пензии социјала, субвенции, се инвестира во земјоделие, образование, во сите сектори. Друго е прашањето каде одеа порано тие пари, кои ние денес ги издвојуваме за сите овие наши проекти... Камче се немаше поместено од едно место на друго, а овие од сегашново раководство на СДСМ слепо и со потскокнување беа најгласните поддржувачи на политиките на седење и не работење. И затоа одбраа тема демократија и слобода, тука нема некои посебни параметри, кој како си доживува, сега си слободен, сега не си, и потешко се компарира, освен ако не фатиме да потсетуваме на бројни скандали од нивно време. Но никаде и никако проекти. Да споредиме тоа што тие го правеле и тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави. Тоа го нема, па со што би се споредувале, истакна премиерот.
Слично
