Груевски: Економскиот промотор треба да знае како да продава
На огласот за економски промотори се бараат луѓе кои знаат да продаваат, вели премиерот Никола Груевски. Осврнувајќи се на огласот за економски промотори, тој истакна дека интересот на кандидатите е голем, но додава дека нивната цел не била масовност, туку бараат квалитет.
Лани беше првиот конкурс за економски промотори. Според Груевски, тогш бил избран дел од промоторите, а сега за останатите на кои им завршуваат мандатите во декември, се објавува нов оглас.
„ Македонија има создадено добра понуда или со еден друг вокабулар да речам добар производ кој го нуди на пазарот и ни требаат луѓе кои знаат тоа да го продадат. Значи ни требаат профил на луѓе кои се т.н. профил на продавачи, кои добро знаат да испрезентираат она што го нудиме и кои се стручни за тоа, стручни за добри презентации кои се генерално добро стручни во делот на економија и инвестиции и нормално одлично да ги познаваат јазиците во земјите каде што треба да не претставуваат“, рече Груевски.
Лицата кои ќе се вработат како економски промотори, ќе ги има во девет земји и во градови како Мајами, Њујорк, Чикаго, Пекинг, Куала Лумпур.
Според премиерот, овој оглае е предизвик за многу луѓе кои ќе се вклучат за да и помогнат на државата и да привлечат крупни инвеститори.
Ние сме мала земја за која не се пишува секојдневно, смета премиерот.
„Малите држави имаат обврска она што го нудат многу подиректно и по други канали и начини да го презентираат пред потенцијалните инвеститори за да ги привлечат да отворат нови работни места тука во Македонија“, истакна тој.
Со огласот се бараат економски промотори на определено време за Њујорк, Чикаго, Мајами, Норвешка , Франција, Русија, Кина, Јапонија, како и еден промотор за трите држави Малезија, Индонезија и Сингапур.
Платите се движат од најмалку 2.100 за Русија до најмалку 3.100 евра за Јапонија. Рокот за пријавување е 12 ноември .
Слично
