Груевски: Ако останеме на лесно добиени дипломи, за 20 до 30 години ќе бидеме уште повеќе на дното
Професорскиот контра – пленум седна на маса со владата и ректорите на универзитетите со што сепак се одржа дебатата предложена од премиерот Никола Груевски иако претходно, Професорскиот пленум кој ги поддржува барањата и аргументите на Студентскиот пленум, ја одби поканата со објаснување дека ваквата дебата нема никаква смисла затоа што законот е веќе внесен во собраниска процедура и изгласан во неговата прва фаза.
На заедничката дебата со контра – пленумот Груевски рече дека според него измените во овој закон ќе донесат повеќе знаење на студентите, поуспешни професори и понапредна држава, а затоа според премиерот, Македонија мора својата иднина да ја гради врз база на знаење со што нема да се дозволи дипломите да станат предмет на цена.
„Јас не мислам дека нашите професори се неспособни. Свесно влегуваме во ова за доброто на сите. За краток рок ќе се наруши комодитетот на многу луѓе но на долг рок ќе даде резултати. Ако останеме на лесно добиени дипломи, за 20 до 30 години ќе биде уште повеќе на дното. Сега е пресвртната точка, ако сега го промениме системот образованието ќе ни биде на повисоко ниво. Ова не е радикална мерка, туку низ годините постепено ќе ги зголемуваме стандардите“, истакна Груевски.
Според ректорот на Факултетот за туризам и менаџмент, проф. д-р Аце Миленковски, реформите се добри и истите ќе придонесат за поголем квалитет во образованието, а како што нагласи „време е да се стави крај на различните толкувања на Законот“.
Реформите во образованието ги поддржа и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, проф. д-р Замир Дика, истакнувајќи притоа мал број забелешки за списанијата во кои ќе се објавуваат научните трудови и за износот на глобата за рецензентската комисија.
Во досегашната дебата само Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, побара поопширна дебата и изготовка на нов закон во кој ќе бидат опфатени забелешките и аргументите на дел од академската заедница.
Слично
