Груевски: 2014 успешна за владеачката коалиција
Политиката на опозицијата не наиде на поддршка од меѓународниот фактор, а бојкотот во Собранието не е на штета само на имиџот на СДСМ, туку и на државата.
Ова е заклучокот од лидерската предновогодишна средба на која се состанаа лидерите на партиите, но и некои од министрите, кои се дел од коалицијата „За подобра Македонија“.
На средбата која траеше цели два часа, а се одржуваше во Порта Македонија, на маса биле поставени и прашањата за инвестициите, економијата, спорот со името за што Груевски истакнал дека во 2015 година очекува да се случи пресврт по однос на овој проблем со нашиот јужен сосед.
„Има надеж дека Грција во даден момент, во некој момент ќе најде сила да се надмине ова прашање. Тоа го посакуваме, работиме на тоа. На сите наши меѓународни средби зборуваме за тоа. Бараме да се вклучат и други заинтересирани страни да помогнат. Никој не го оправдува ова што го прави Грција, но за жал имаат разбирање затоа што, пак, тие имаат други проблеми финансиско-економски коишто може да се рефлектираат на другите земји во еврозоната поврзани со еврото, стабилноста на еврото“, нагласи премиерот.
По средбата, Груевски изјави дека еден од поголемите успеси на ВМРО-ДПМНЕ е победата на двојните избори во април оваа година.
„Оваа година ја завршивме успешно. Извојувана е една од најголемите изборни победи. Но постигнавме и многу успеси на економски план. Се намалува невработеноста, се носат нови инвестиции, но има и предизвици кои ќе ги решаваме следната година“, рече Груевски.
Лидерската средба на коалицијата составена од 20-тина партии, се одржува традиционално секоја година.
Слично
