Груби контра Груевски: Само Ахмети ќе каже дали ќе останеме во Владата!
По изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дека ДУИ останува во Владата, но ќе изврши промена на кадрите, пратеникот Артан Груби преку Фејсбук, порача дека одлуката за понатамошните чекори на коалициониот партнер ја има само лидерот Али Ахмети.
„Одлуката за следните чекори на Демократската Унија за Интеграција по повлекувањето на нашите Министри и Заменици Министри е екслузивно само во рацете на Претседателот Али Ахмети и според Статутот но и одлуката на Претседателството, одлуката е само негова и на никој друг“, напиша Груби.
Потегот на ДУИ открива дека ќе имаме интересни неколку денови, додека откриеме што ќе се случува на сцената. Избори на 5 јуни, нова широка коалиција или старава ќе продолжи како и досега, со само неколку рокади во тимот на Димитриев?
Експертите едногласно коментираат дека одлуката на ДУИ е себична, поттикната од партиски мотиви за враќање на единството во партијата, начнато одамна, а кое кулминираше со објавување на телефонските секс скандали.
Партиите од македонскиот блок чекаат ДУИ да обелодени како ќе дејствува. Самостојно или под притисок на Американците. Ако САД имаат вмешано прсти во одлуката, тогаш разврската сосема извесно ќе оди кон создавање Влада на широка на коалиција и одложување на изборите за една година.
Ако пак станува збор за двојна игра на ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, тогаш најверојатно ќе се бетонира изборниот датум, во услови на нерегулирана медиумска сфера и недоисчистен избирачки список.
Досегашната генеза на случувањата покажува дека ДУИ не би одел против интересите на меѓународната заедница, така да наредните неколку дена ќе покажат и дали интересот на меѓународната заедница се поклопува со очекувањата на експертската јавност, која генерално смета дека Македонија е се уште неподготвена за избори.
Како и да е до среда вечер ќе мора да има одлука, зашто во четврток се распушта парламентот.
