Грците не знаат на што да се надеваат веќе
Разочарувањето на Грците расте од ден на ден. Тие не знаат што да очекуваа по грандиозната победа на „Сириза“ дали ќе заглави уште подлабоко во кризата. Кај многумина се зацврсти стравот дека владејачките партии не знаат што да прават.
Грчката влада еднаш изјави дека нема да чепка пензиите, друг пат зборува за евентуално кратење потоа тврди дека ќе го зголеми ДДВ, а потоа се испоставува дека даноците ќе останат такви какви што се. Се повеќе Грци се лути на својата влада. „Тие не држат во неизвесност. Не знаеме што да очекуваме утре. Се надеваме дека некако ќе преживееме“, вели еден Грк.
Нејаснотии има и во однос на идниот курс на владејачката партија „Сириза“. На крајот на седницата на Централниот комитет на партијата, премиерот Ципрас со мака успеал да ја наметне својата линија за продолжување на преговорите со кредиторите. „Ние нема да потклекнеме на апсурдот на кој сакаат да се зголеми ДДВ и да ги намалиме пензиите“, им ветил тој на делегатите, но не е јасно колку од тоа е само празна реторика. Во секој случај, Ципрас си остави отворени дупки за манипулирање.
Левото крило на партијата предложило Грција да не ја исплати уште едната рата кон ММФ и да ги национализира сите банки. 75 делегати гласаа „за“, а 95 - „против“. Премиерот Ципрас освои скудно мнозинство за курсот на продолжување на преговорите со кредиторите. Тој ги уверил уште еднаш дека неговата влада нема да потпише никаква нова програма за штедење. „Другарки и другари, претстои уште многу работа. И во овие критични моменти треба да се дејствува одговорно, решително и солидарно. Треба да имаме доверба во сопствените сили“, изјавил Ципрас пред пратениците од „Сириза“.
„Воопшто не знаеме каде одиме“
Грчкиот премиер се надева дека во наредните денови ќе постигне договор со кредиторите ЕУ, ЕЦБ и ММФ кои треба да одобрат помош во износ од неколку милијарди. Во замена за тоа Ципрас е подготвен да прифати некои од барањата за штедење. Но што точно ќе бидат тие? Ципрас преговара со месеци со кредиторите за ова прашање.
Грците се заинтересирани за преговорите со зголемена загриженост. Пензионерката од Атина Фрида Таси сепак наоѓа и добри зборови за владата. „Се надевам дека конечно сите работи ќе завршат добро. Добро е дека владата преговара толку цврсто, за да не се намалат уште повеќе пензиите. И без тоа веќе изгубивме толку многу пари. Мило ми е што тие се борат за нас“, вели таа. Повеќето Грци сепак веќе се простувааат со надежите од делувањето на „Сириза“:
„Кога немаш пари и сакаш заем, во многу лоша позиција за преговори, бидејќи си зависен од оние кои те држат на власт и треба да им се потчинат, за да преживееш“, вели еден Грк. „Нашата влада не го прави она што вети, ниту пак она што беше ветено да се заокружи. Секој ден слушаме нешто различно. Наутро - едно, на пладне - друго, а вечер - сосема трето. Воопшто не знаеме каде одиме“, вели друг минувач. Чувството на фрустрација кај грчките граѓани расте од ден на ден. Четири месеци по грандиозната изборна победа на „Сириза“, Грција е заглавена во кризата се подлабоко отколку кога и да било.
